Изложба „Мал формат“ 2020 на ДЛУМ во КИЦ

Izlozba-Mal-format-2020-na-DLUM-vo-KIC.jpg

Изложба „Мал формат“ 2020 на ДЛУМ во КИЦ

Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) под покровителство на Град Скопје и Министерство за култура денеска ја отвораат изложбата „Мал формат“ која ќе биде поставена во Културно Информативниот Центар (КИЦ), салон Имеријал 1, во Скопје и ќе трае 10 дена.

Малиот формат како творечки предизвик претставува честа дневна практика на ликовните уметници. Магијата на „малиот квадрат“ во површина 25х25 см претставува искушение и за најголемите мајстори на визуелната уметност. Чувството на внатрешниот порив да го совлада малиот квадрат, на концизен, лапидарен, понекогаш метафоричен и езоповски начин да го транспонираат собитието и мотивот од големите форми во помалата мерка.

Изложбата „Мал формат“ на ДЛУМ е традиционална поставка на крајот на годината, а можеби и прилика да пред-празничниот период го збогатиме со уметничка понуда. Темите се слободни и можеме да забележиме замор од оваа тешка и специфична година, па така забележуваме враќање кон природата, кон пејзажот,но колорит и композиции кои ќе не замислат.

„Индивидуалниот ракопис и пристап на изработка кај секој од авторите ја бележи нивната потреба за творење, или пак бегство од реалната апатија и дотолку повеќе се значајни овие колективни изложбени претставувања кон патот до гледачот. Таа слобода на изразувањето, која ја почитуваме кај нашите колеги, со оваа изложба, ви ја претставуваме“, велат од ДЛУМ.

На изложбата учествуваат 33 автори членови на ДЛУМ: Ана Ивановска, Ана Спасова, Ангелца Стоиљковиќ, БлашкаМиева, Дејан Иванов, Дијана Томиќ-Радевска, Дита Старова, Душан Георгиевски, Емилија Божиновска, Златко Бојковски, Златко Глигоров, ЗулељехаЗубери Али, Ивона Велковска, Игњат Шќекиќ, Илина Арсова, Јовица Мијалковиќ, Љубица Мешкова-Солак, Љупчо Бојаров, Маја Димитреова, Маја Кировска, Марија Светиева, Марина Цветановска-Мартиновска, Марјана Костојчиновска-Узунчева, Мирјана Крстева Масети, Никола Смилков, Перо Кованцалиев, Петра Јовановска, Силвана Атанасовска, Слободан Милошевски, Стефан Димовски, Стефан Хаџи-Николов, Тања Таневска, Шќипе Мехмети.

Уметничкиот совет на ДЛУМ наградата за „Мал формат“ му ја додели на Дејан Иванов – Маргуш за делото ,,Осоговски пејзаж”. Со енергично насликаните мотиви од македонските скриени убавини, на кој авторот им се посветува подолг период, тој провоцира трагање со погледот, а поставува воздушна перспектива во која го внесува гледачот. Прочистениот израз, едноставниот богат потез и возбудливата текстура го збогатува чувството на оптимизам и нашата припадност кон природата.

Од страна на КИЦ беа доделени три награди: Награда „Адем Кастрати“ на Златко Бојковски, награда Костантин Коце Мазев на Марија Светиева и нагарада Вангел Коџоман на Дита Старова Ќерими.

Извор: vistina.com.mk

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail