Kina-vo-moite-oci1.jpg

Дополнителната програма на фестивалот „Охридско лето“ понуди уште една изложба. Станува збор за фотографии на темата „Кина во моите очи“, организирана во соработка со Амбасадата на Народна Република Кина во нашата земја и локалната самоуправа на Охрид. Изложбата е организирана по повод 70 години од државноста на Кина, а фотографската поставка е дело на голем број Македонци што ја посетиле Кина.
– Нема подобро место од Охрид во овој период од годината каде што меѓу мноштвото културни збиднувања може да се направи една ваква изложба, каде што можеме да уживаме во убавината на фотографиите, кои ни пренесуваат само мал дел од големата магија на Кина. Дотолку повеќе што автентичноста на овие фотографии, иако не претендира, но поради својот природен, оригинален, специфичен тон, успева да достигне и уметничка вредност. Притоа да не заборавиме дека не се изработени од професионалци, туку од наши граѓани, кои со различни поводи ја посетиле Кина – рече Живка Ангелоска, претседателката на советот на општината Охрид, на отворањето на изложбата.

Претседателот на Друштвото на македонско-кинеското пријателство, Љупчо Маленко, рече дека македонско-кинеското пријателство започнало пред 25 години, и како што најави ќе трае уште долги години и ќе се продлабочува.
– Друштвото за македонско-кинеска соработка и пријателство е формирано пред 25 години. Со гордост го истакнувам моментот дека ревносно се работеше на воспоставување заедничка соработка и на добрите односи, но и на она што значи претставување на нашите културни вредности – рече Маленко.
Изложбата на фотографии „Кина во моите очи“ ќе биде отворена до петок, а има цел да ги претстави природата, историјата, развојот и промените во Кина, како и пријателството меѓу нашите две држави, преку ретроспективата на македонските граѓани. Многу од авторите на фотографиите од изложбата студирале, работеле или ја посетиле Кина. Фотографиите се тематски распределени во четири категории: „Природата и природните богатства на Кина“, „Историски и културни знаменитости во Н. Р. Кина“, „Кинеските градови и нивните значајни обележја“ и „Животот на луѓето во Кина“.

извор: слободенпечат

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail