Измамени македонски студенти тврдат: Место работа во Германија, останавме без пари

MAKEDONSKI-STUDENTI.jpg

Околу стотина студенти од неколку градови од Македонија тврдат дека се измамени од познатата македонска туристичка агенција “Венера Камаловски”, со седиште низ повеќе градови во земјава, која им ветила работа во Германија во бутиците на “Зара” и во рестораните на “Бургер Кинг”. Редакцијата на МКД.мк се обиде да добие одговор од агенцијата “Венера Камаловски”, но од таму по нашето претставување, прво ни ја спуштија слушалката, за потоа да не побараат и да не препратат кај директорот Емран Камаловски, чиј мобилен беше недостапен.

Студентите од агенцијата си ги бараат парите, околу 250 евра кои ги дале за аплицирање и документацијата која ја приложиле за работа во Германија, за која до сега требало да добијат дозвола и да заминат. Но, велат агенцијата ги извисила, а директорот Емран Камаловски, иако ветил дека постојано ќе им биде достапен, не одговара на нивните повици и пораки. Утрово тие дојдоа во Скопје пред седиштето на агенцијата, но наместо директорот кој им ветил дека ќе им ги врати парите, ги пречека известување дека вработените се на колективен одмор.

“Јас сум студент кој аплицираше за работа во Германија (Burger King) преку агенцијата за посредување при вработување “Венера Кемаловски”, агенцијата е со седиште во Битола, а има свои канцеларии и во Скопје, Струмица и Штип. Аплициравме заедно со група студенти, при крајот на јануари годинава, во канцеларијата во Штип. Не викнаа на интервју на 8-ми февруари во Штип, во просториите на агенцијата. Ни кажаа дека сите сме го поминале интервјуто и потпичавме договор со агенцијата неколку минути по завршување на интервјуото”, ни раскажа измамен студент, чиј идентитет е познат на редакцијата на МКД.мк.

По ова од агенцијата им било посочено дека за апликативни трошоци треба да се плати по 1.500 денари, пари кои апликантите ги платиле на рака на агентите за посредување и за истите не им била издадена фискална сметка. Им било кажано дека бидејќи интевјуто е поминато, ќе биде потребно само да ги достават потребните документи и заминувањето на работа во Германија им е осигурано.

“Датумот на кој ни рекоа дека најверојатно ќе започнеме со работа во Германија беше 15-ти јуни. Откако ги однесовме потребните документи, за кратко време не известија дека ќе треба да одиме на уште едно интервју во агенцијата во Штип. Иако првично не беше предвидено, отидовме и на тоа дополнително интервју, после кое ни беше кажано дека ниеден од нас нема доволно познавања од германски јазик, па сите ќе мораме да уплатиме по 3.900 денари на сметка на агенцијата “Венера Кемаловски”, а тие преку онлајн-курс ќе не научат германски јазик. Направивме како што ни кажаа, уплативме по 3.900 денари, а за доказ ни побараа да им пратиме слика од уплатницата на мејл или на некој од фб-профилите на агенцијата”, дополнува студент кој аплицирал за работа во Германија во “Бургер Кинг.

И студент од групата за работа во “Зара” тврди дека е измамен и дека од повеќе од сто луѓе кои аплицирале, само на осум им стасале дозволи за работа во Германија, но и тие не биле испочитувани.

“Според ветувањето на агенцијата, требаше да заминам на работа во Германија на 15 јуни. Но, ме извисија. Место да работам, јас се уште ја чекам дозволата. Бев на интервју и неколку пати се видовме со лица кои ни се претставија како посредници од агенцијата. Потпишав договор според кои на 15 јуни требаше да заминам за Германија, таму да работам три месеци во бутиците на “Зара” и за тоа да земам плата од 1.300 евра”, тврди студент кој аплицирал за работа.

Тој појаснува дека агенцијата им побарала уплата од 250 евра, а од таму, според договорот требало да им платат превози и да им обезбедат сместување. Од првата негова плата во Германија, дополнува студентот, требало на сметка на агенцијата да легнат уште 350 евра. Тој дополнува дека од големата група на студенти кои до сега аплицирале, само неколкумина заминале во Германија, но таму, место да работат, лутале неколку дена барајќи каде да се сместат, бидејќи, како што тврдат студентите агенцијата не ги исполнила ветувањата и обврските и ги измамила студентите. И тие кои заминале, на крајот се вратиле со образложение дека тамошните фирми каде требало да работат, немале потреба од нив.

Само неколкумина од групата успеале да си ги вратат парите кои и ги дале на агенцијата. Останатите се уште се обидуваат да добијат образложение од директорот Камаловски.

Туристичката агенција постои од 2014 година и на својата официјална фејсбук страница објавила неколку огласи за вработување на македонски студенти во Германија. Според огласот, условите кои треба да ги исполнуваат апликантите се: да поседуваат македонски пасош, да немаат повеќе од 33 години и да имаат познавање од Англиски јазик. Агенцијата во огласот нуди плата од 1.300 евра, подмирен трошок до Германија и обезбедено сместување близу до работното место за кое студентите ќе треба да плаќаат месечно по само 200 евра, се вели во огласот на агенцијата. Работниот договор е на минимум една година. Редакцијата на МКД.мк денес се обиде да стапи во контакт со агенцијата.

На еден од мобилните телефони кои се оставени за контакт добивме една од вработените. Кога се претставивме дека сме од медиум и дека бараме одговор за обвинувањата против агенцијата од група студенти, прво следеше неколку секунди молк, а кога прашавме дали не слушаат, вработената ја прекина врската. Неколку минути потоа таа не побара и ни даде мобилен телефон од директорот Емран Камаловски. Ни беше појаснето дека тој е во Македонија и дека ќе ни одговори на нашето прашање. Но, неговиот мобилен телефон беше недостапен.

Студентите до сега не пријавиле во полиција, бидејќи, како што велат, сакат на мирен начин да се разберат со директорот кој им ветил дека ќе им ги врати парите. Појаснуваат дека постојано се во контакт со адвокати и ќе си ја бараат правдата за измамата во која наместо работа во Германија, добиле празни џебови и ветувања.

ИЗВОР: MKD.MK

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail