Израснал без струја и вода, а денес е милјардер

mil.jpg

Кога ќе слушнете дека некој е основач на технолошките компании Flickr и Slack, веројатно имате на ум дека тој е успешен, богат и задоволен човек. Но, животот на Стјуарт Батерфилд не беше отсекогаш среќен и хармоничен, туку напротив, неговото детство беше исклучително тешко.

Првите пет години од животот Сјуарт ги поминал живеејќи во заедница во Канада откако неговиот татко решил да избега од САД за да ја избегне воената должност во војната во Виетнам. Младиот Батерфилд и неговите родители живееле во дрвена колиба во Британска Колумбија и цели три години немале струја и вода.

„Моите родители дефинитивно беа хипици. Тие сакаа да живеат некаде на планина, но откако сфатија дека тоа бара многу работа и труд, се преселија назад во градот“, вели Стјуарт, чии родители му го дале името Дарма.

Откако неговите родители се преселиле во Викторија, главниот град на Британска Колумбија, Стјуарт Батерфилд го видел првиот компјутер на седумгодишна возраст и самиот научил да работи со програмите кои ги имал компјутерот. Скокаме многу години напред и денес Батерфилд е основач на вебсајтот за споделување на слики Flickr, како и на комуникациската алатка Slack. Неговата вредност денес се проценува на околу 650 милиони американски долари. Но можеби тешкото детство го натерало да се однесува скромно и пристојно.

„Се чувствувам виновно ако потрошам многу пари. Како Канаѓанец, тоа ми личи многу погрешно“, вели Батерфилд.

Тој имал околу седум години кога неговите му го купиле првиот компјутер, во 1980 година. Првото нешто што го интересирало е да научи да програмира видео игри, па затоа ги читал компјутерските магазини кои излегувале во тој период. Кога имал 12 години го сменил името од Дарма во Стјуарт и научил да програмира едноставни видео игри. Но, во меѓувреме изгубил интерес за компјутери и се запишал на филозофски факултет и подоцна ги завршил студиите на Кембриџ Универзитетот во Велика Британија. Веќе во 1997 година тој имал намера да бара работа како професор по филозофија, кога интернетот почнал вртоглаво да расте.

„Луѓето кои знаеја како да прават вебсајтови се селеа во Сан Франциско и ми кажуваа дека заработуваат двојно или тројно повеќе од просечната професорска плата. Ми се виде како интересна авантура“, вели Стјуарт.

Затоа, Стјуарт Батерфилд решил да ја заборави намерата да се вработи како професор и се преселил во Силициумската долина. Откако неколку години работеше како веб дизајнер, во 2002 година тој промовираше онлајн видео игра заедно со идниот коосновач на Flickr, Катерина Фејк, неговата тогашна сопруга. Играта беше наречена „Game Neverending“ и доживеа колосален неуспех кој го остави парот без пари. Барајќи начини на кои ќе заработат пари, тие решија да ризикуваат со лансирање на Flickr, платформа за споделување слики која ја направија за само 3 месеци.

„Тогаш се појавија телефоните со камери и поголем дел од домаќинствата се запознаваа со интернетот, па затоа работите се случија толку брзо“, вели Стјуарт.

Со премиерата во 2004 година, Flickr стана првиот вебсајт кој им дозволуваше на корисниците да прикачуваат, означуваат и споделуваат слики на интернет. Само една година подоцна парот ја продаде платформата на Yahoo за 25 милиони долари, иако тогаш Стјуарт тврдеше дека ја прават погрешната одлука бидејќи ако почекаат уште малку ќе добијат многу повеќе пари. Сепак, тој помина кон поголеми работи со Slack.

„Кога работевме на една игра, која за жал беше неуспешна, направивме еден систем за внатрешна комуникација кој навистина ни се допадна. Тогаш воопшто не размислувавме на него бидејќи некако ни одеше во позадина ама по неколку години рековме дека тоа можеби би било интересно да им се понуди на другите луѓе“, раскажува Батерфилд.

Тоа беше основата на Slack, платформа која денеска нуди поддршка на преку 8 милиони корисници, од кои 3 милиони плаќаат за да добијат премиум услуги. Slack е официјалната платформа која ја користат мега-компании како IBM, Samsung, 21st Century Fox и Marks & Spencer. По последните инвестиции вредноста на Slack се проценува на 5,1 милијарди американски долари.

„Ако ја погледнете кариерата на Стјуарт, ќе видите дека тој целиот живот работи како иноватор и наоѓа начини да го среди хаосот околу него. Ова е тоа што го направија Flickr и Slack во нивните полиња на работа“, вели Крис Грин, технолошки аналитичар.

Slack има голема конкуренција, но желбата за успех и за иновација на Стјуарт Батерфилд ја води оваа компанија напред. Тој вели дека компанијата мора постојано да еволуира ако сака да биде над конкуренцијата.

„Многу работи се случија во мојот живот и сите тие беа на некој начин под влијание на среќата. Сфаќам дека сум среќен, но не верувам дека можам да го направам истото ако го изгубам Slack. Поради тоа, морам да сум внимателен и да работам напорно“, завршува Стјуарт Батерфилд.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail