Јавен Повик за финансирање на иновативни проекти на Факултетите – „Предизвик за студенти иноватори“

Screenshot_2-5.jpg

Врз основа на член 50 став 1 и член 63 од Законот за локална самоуправа („Службен весник на РМ” број 05/02), а согласно Програмата за локален економски развој („Службен гласник на Општина Гази Баба” број 17/21), Градоначалникот на Општина Гази Баба објавува:

Јавен Повик

за финансирање на иновативни проекти на Факултетите на територија на општина Гази Баба

“Предизвик за студенти иноватори”

Цели

Потикнување на студентите слободно да размислуваат и да наоѓаат креативни решенија за проблемите и прашањата со кои се соочуваат.
Да се мотивираат студентите да размислувате иновативно менувајќи ја нашата локална заедница во различни сегменти на нејзиното функционирање.
Да се охрабрат студентите со менторска подршка на своите професори да ги препознаат своите способности, да ги усовршуваат своите вештини и да соработуваат во насока на изнаоѓање на иновативни решенија за потребите на локалната заедница. На овој начин сметаме дека побрзо ќе го премостите и скратите преминот од процесот на студирање кон сопствено професионално етаблирање на пазарот на труд или градење на сопствена деловна визија.
Поаѓајќи од ова, Општина Гази Баба Ве повикува да учествувате на “Предизвик за студенти иноватори”.

Какви иновативни проекти бараме?

Иновативните проекти треба да бидат од областите кои ги покриваат следните тематски области: ИТ, природните науки, земјоделските науки, шумарските науки, техничките науки, дизајн и уредување на просторот, дизајн на урбана опрема, гастрономија и туризам.
Проектот на иновирање треба да се однесува на: идеја, модел, организација, дизајн, апликација, практика, управување и организација на заштитени природни подрачја, гастрономски и туристички модели кои може да се аплицираат во локалната заедница на општина Гази Баба.
Проектот треба да се основа на креативен метод, односно да вклучува дефинирање на проблем, генерирање на идеја, селекција на идеја, имплементација на идеја и потврда на идејата.
Времетраењето на подготовка на иновативниот проект не треба да надминува 5 (пет) месеци, односно да се реализира до 30 Ноември 2022 година.
Предложените проекти треба да резултираат со видливи резултати, како што се на пример истражувачки есеј, изработка на проектна задача, изработка на прототип, аудио-визуелен материјал, дигитален материјал и слично, а се однесува на: дизајн на урбана опрема и ентериер, мобилна ИТ апликација за пријавување комунални проблеми, гастрономијата како модел за привлекување туристи, управување и организација на заштитени природни подрачја во општина Гази Баба, примена на земјоделски практики за поздрава и поквалитетна раноградинарска храна, пошумување и уредување на јавни зелени површини и природни подрачја во општината, и слично.

Награди

Вкупниот буџет за овој предизвик изнесува 800.000 (осумстотини илјади) денари.
Ќе бидат доделени награди во категоријата: „Иновативни проекти на студенти“
Буџетот на поединечен предлог проект не може да надминува 200.000 (двестотини илјади) денари.
Максимум ќе бидат наградени четири најдобри иновативни идеи.
Средствата ќе бидат исплатени авансно, во две еднакви рати и тоа, првата рата во износ од половина од вкупниот буџет на проектот ќе биде исплатена по потпишување на Договорот за доделување на награда, втората рата ќе биде исплатена после имплементација на проектот.
На сите претселектирани учеснички и учесници, од страна на Општина Гази Баба ќе им бидат доделени сертификати за учество.
Опремата набавена со средствата доделени преку наградите ќе остане во сопственост на Факултетите добитници на наградите.
Општината го задржува правото да не ги додели сите награди доколу нема доволно квалитетни предлог-проекти или не се исполнети условите за доделување на наградата согласно Правилникот.

Кој може да аплицира?

Повикот се однесува на сите Факултети и високообразовни институции на територијата на општина Гази Баба кои имаат креативни студенти со желба да истражуваат.
Натпреварувачот треба да биде Факултет или високообразовна институција кој е:
Основан согласно Законот за високо образование
Запишан во Централниот регистар на Република Македонија и
Поседува Решение за верификација донесено од Министерството за образование и наука.
Секој натпреварувач треба да се пријави со натпреварувачки тим кој се состои од:
1 (еден/на ) професор, лидер на проектот
3-7 (три до седум) студенти

Активности и трошоци на проектот

Активностите предвидени во предлог проектот треба да соодветствуваат на активностите на развој на иновативната идеја, односно предлог проектот треба да вклучува активности кои ќе ја потврдат иновативноста и неопходноста на идејата.

Трошоците предвидени во буџетот на проектот треба да соодвествуваат на активностите предвидени во проектната апликација.

Трошоци подобни за финансирање се:

набавка на опрема за развој на иновативна идеја (неопходен алат, лабораториска опрема, дигитална опрема и слично)

Единствено трошоците настанати за активности спроведени за времетраење на проектот се подобни за финансирање.

Општината го задржува правото да преговара со победниците по однос на дефинирање на активностите и буџетот на проектот на основа на препораки добиени од Комисијата за оценување и избор пред потпишување на Договорот за доделување на награда.

Етика на истражување и заштита на право на интелектуална сопственост
При формулирањето на предлог проектите, како и при нивното спроведување натпреварувачите и добитниците на наградите треба да се придржуваат до основните етички принципи:

Да ја почитуваат индивидуалната автономија и правото на самоопределба

Да не нанесуваат штета на луѓето, животните и животната средина

Да се стремат кон еднаков и праведен третман на сите

Да не ги нарушуваат правата на интелектуална сопственост на трети страни

Постапка при оценување и селекција

Оценувањето, селекцијата и донесувањето на конечна одлука за избор на добитници на наградите, се врши од страна на Комисија за оценување и избор.

Оцената на проектите се состои од неколку чекори:

  • Административна проверка на пријавите (дали пријавата е комплетна и во согласност со условите за подобност наведени во јавниот повик) (23 – 27.05.2022)
  • Селекција на најдобри предлог-проекти – со презентација на предселектираните предлог-проекти пред Комисијата за оценување и избор (31.05.2022)
  • Потпишување на договори со победниците (08.06.2022)
  • Општина Гази Баба го задржува правото за измена на горенаведените рокови.
  • Секој предлог-проект се оценува од Комисијата за оценување и избор, која се состои од:
  • Претставник на Општина Гази Баба – Сектор за ЛЕР и ИКР
  • Претставник на Бизнис клубот на општина Гази Баба
  • Претставник на Ресурсен Центар СОС Детско село
  • До два експерта во областа на предложениот проект (технички науки, природни науки и друго)

Секој предлог проект ќе биде оценуван по следните критериуми:

1. Усогласеност на предлог проектот со целите на јавниот повик

Најмногу поени под овој критериум ќе добијат оние предлог-проекти кои ќе понудат иновативни идеи кои може да се имплементираат во локалната заедница или во работењето на општина Гази Баба.

Најмногу поени ќе добијат и оние предлог-проекти кои активно ги вклучуваат членовите на тимот во генерирање на иновативната идеја.

2. Капацитет на проектниот тим

Најмногу поени под овој критериум ќе добијат натпреварувачите чиј пректен тим вклучува членови со различни мотиви, вештини и способности соодветни на активностите предвидени во предлог проектот.

3. Квалитет на предлог-проектот

Најмногу поени под овој критериум ќе добијат оние предлог-проекти кои јасно и адекватно ја имаат дефинирано иновативната идеја, фазите на развој и очекуваните резултати.

4. Применливост на резултатите од развојот на иновативната идеја и дисеминација

Најмногу поени под овој критериум ќе добијат натпреварувачите чии предлог-проекти водат кон резултати кои имаат потенцијал за практична примена во индустријата или резултати од општествен интерес.

Начин на пријавување

  • За да се пријави на „Предизвикот за студенти иноватори“ секој натпреварувач треба да:
  • Поднесе пополнет, потпишан и печатиран образец за Проектна апликација со Буџет на проектот.
  • Поднесе кратка биографии на професорот – лидер на проектот.
  • Поднесе кратки биографии на членовите на тимот.
  • Power Point презентација на проектната иновативна идеја.
  • Поднесе Тековна состојба од Централниот регистар не постара од 6 месеци.
  • Пријавата може да се симне во електронска форма од веб страна на општина Гази Баба – www.gaziababa.gov.mk , или во печатена форма да се земе од Едношалтерскиот Центар на општина Гази Баба.
  • Сите барани документи треба да се пополнети на македонски јазик и достават во печатена форма и електронска форма на CD во PDF формат до Архива на општина Гази Баба, ул. Архимедова бр.2.
  • Сите барани документи треба да се испратат во електронска форма и на следната e-mail адреса: [email protected] .

Рок за пријавување

  • Пријавувањето на Предизвикот за студенти иноватори се состои од:
  • Крајниот рок за пријавување е 20.05.2022 година до 16 часот во Архива на општина Гази Баба
  • Пријавите со сите барани документи треба да се достават во печатена форма и електронска форма на CD (во PDF формат).
  • Пријавите со сите барани документи треба да се достават и на следната e-mail адреса: [email protected]

Дополнителни информации

За сите дополнителни информации можете:

да не посетите во општина Гази Баба- сектор за ЛЕР и ИКР на адреса Архимедова бр. 2
да ни пишете на електронската адреса: [email protected]
да се јавите на телефонскиот број 02 322 66 55

повеќе инфо може да најдете тука

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail