Јубилејно 10-то издание на Туристичко-гастрономската изложба за алтернативни форми за развој на туризмот

49365831e31f4f44649c206ca9ead85d_XL.jpg

Туристичко-гастрономската изложба за алтернативни форми за развој на туризмот која ја организира Факултетот за туризам и бизнис логистика на УГД одбележа јубилеј – годинава беше организирана по десетти пат. И десеттото издание, кое се организираше на 24 април 2018 година во хотелот „Аполонија“, ја потврди истрајноста и мотивираноста на студентите, професорите, асистентите на ФТБЛ, како и на сите други соработници кои направија една таква вредна традиција во Гевгелија.

На свеченото отворање на изложбата деканот на ФТБЛ, проф. д-р Никола Димитров, им се заблагодари на сите кои помогнаа да се одржи оваа традиција – на студентите, на професорите од факултетот, на Општина Гевгелија, хотелите „Аполонија“ и „Пелагонија“, средните и основните училишта во Гевгелија, како и на претходниот декан, професорот Нако Ташков, кој ја започна оваа традиција. На изложбата присуствуваа и градоначалникот на Гевгелија, Сашо Поцков, потоа директорката на Стопанската комора за туризам на РМ, Биљана Пејоска-Ристеска, и директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски.

Годинава целата манифестација, освен со изложување на традиционална храна од Југоисточниот регион, беше збогатена со неколку други поставки, проекти кои ги спроведоа професори од ФТБЛ.

Десет години од постоење на ФТБЛ за Гевгелија е од многу големо значење, затоа што имаме доста потенцијали – средното училиште, туристичката, економската школа, што е голем бенефит, затоа што излегуваат доста квалитетни кадри, кои се вработуваат во нашите објекти кои сѐ повеќе се отвораат во регионот. Изложбата сакавме да биде како дел од наставата,  идејата за неа пред десет години ја даде проф. д-р Нако Ташков. Денеска го славиме јубилејот на манифестацијата и на факултетот. Манифестацијата е збогатена со три нови изложби – едната е со постерите за сите изданија на изложбата од 2009 досега. Втората изложба е „Анови и каравансараи во Југоисточниот регион“, која е на деканот проф. д-р Никола Димитров и третата на проф. д-р  Цане Котески. Има поставки од студентите кои носат предмети карактеристични за овој регион кои им се наследство од нивните родители, баби и дедовци, и една поставка од ОУ „Владо Кантарџиев“ – изјави доц. д-р Тања Ангелкова.

Манифестацијата за отворена ја прогласи Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за развој на туризмот.

Извор: UGD Life

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail