Каков е предлог буџетот за образование во 2020?

Predlog-Budzet-2020-1-1078x516.png

Намалување на средствата предвидени за инвестиции, студентски и ученички стандард, високо образование и наука, а покачување на платите на вработените во образованието се предвидува со предлог-буџетот на Министерството за образование и наука (МОН) за 2020 година.

Иако целосниот буџет на МОН во споредба со првичниот буџет за 2019 година е предвидено да порасне за 10 милиони евра, значително покачување има само во ставката децентрализација, поради најавеното зголемување на платите на вработените во образованието. Таму се предвидени скоро 30 милиони евра повеќе од лани. Во безмалку сите други ставки, буџетот за следната година е предвидено да се намали во споредба со 2019 година.

Она што најмногу отскокнува при разгледување на предлог-буџетот за 2020 година е распределбата на парите од предвидените инвестиции во образованието. Од нешто над 13 милиони евра за инвестиции, 2,8 милиони евра се предвидени за изградба и реконструкција на училишта, додека 8,4 милиони евра, односно трипати повеќе, се предвидени за изградба на училишни спортски сали.

Истовремено двојно е намален и буџетот наменет за изградба и реконструкција на ученички и студентски домови во споредба со Буџетот за 2019 година.

Два милиони евра помалку се предвидени за ученички стандард, додека два ипол милиони евра помалку има за студентскиот стандард. За наука следната година се предвидуваат 5,6 милиони евра, што е за преку еден милион евра помалку од годинава. Значително е намалувањето и во ставката интеграција во ЕУ, каде се предвидени 3,3 милиони евра, што е за 1,75 милиони евра помалку од првичниот буџет за 2019. Буџетот за 2020 предвидува и помалку средства во ставката администрација – 5 милиони евра наспроти 8 милиони евра колку што беа првично планирани за годинава.

Во буџетот за основно образование се предвидуваат 16 милиони евра, мало намалување од годинашниов буџет, додека за средно образование се предвидени скоро 15 милиони евра што е зголемување за еден милион евра во однос на оваа година.

Големо намалување може да се забележи во буџетот предвиден за високо образование. Следната година во оваа ставка се предвидени точно 100 милиони евра, што е намалување за 4 милиони евра во споредба со Буџетот за 2019 година. Намалувањето е пропорционално кај сите државни универзитети.

„Aктивностите на Министерството за образование и наука се насочени кон реформи во образованието и инвестирање во иновации и информатичка технологија преку развивање на интегриран систем на образование кој ќе влијае врз зголемување на економскиот раст и продуктивноста на трудот, ќе ги зголемува шансите на младите за квалитетни работни места, ќе обезбеди поголема општествена интеграција во етничка, регионална, социјална и културолошка смисла и ќе го поттикнува критичкото мислење и активното граѓанство. Истовремено една од основните цели е и целосен опфат на децата во основното и средното образование, зголемување на квалитетот на системот за основнo и средно образование, реализирање на високо образовната дејност која ги опфаќа додипломските, последипломските и докторските студии“, стои во описот и целите на МОН во предлог-буџетот за 2020.

Државниот просветен инспекторат е предвидено да добие 4 милиони денари повеќе следната година, додека Бирото за развој на образованието (БРО) догодина ќе добие 13 милиони денари помалку. Кај БРО, споредено со првичниот буџет од 2019, се зголемуваат средствата предвидени за администрација, а се намалуваат парите кои ќе се трошат за подготовка на наставни програми и за реализација на државна матура.

Агенцијата за млади и спорт би добила идентичен буџет како оваа година. Скоро 10 милиони евра кои следната година е предвидено да се трошат 80% за спорт, 5% за млади и преостанатите 15% за меѓународен програм.

Предлог-буџетот за 2020 минатата недела беше усвоен од Владата. Во моментов е во собраниска процедура, каде е закажано да се разгледува и дискутира во Комисијата за финансирање и буџет следниот понеделник.

извор: радиомоф

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail