Ќе можеме да произведуваме и да продаваме струја од сонце

solarna-energija.jpg

Новиот Закон за енергетика не само што ќе обезбеди либерализација на пазарот на електрична енергија за домаќинствата, туку ќе им овозможи на семејствата да произведуваат струја од сончева енергија за соствени потреби, а вишокот ќе го продаваат во електроенергетската мрежа на земјава.

Тоа значи дека во законското решение ќе се даде можност граѓаните да заработуваат од продажба на струја што самите ќе ја произведуваат.

Истовремено на граѓаните ќе им се овозможи избор било кој енергенс да го добијат на слободниот пазар од кој било снабдувач во Македонија, а за оние кои нема да се одлучат да излезат на пазарот на јавен тендер ќе се избере универзален снабдувач кој ќе има договор од пет години.

Токму овие законски измени треба да се донесат до крајот на март годинава, а потоа во период од девет месеци да се донесат и сите подзаконски акти, за да од почетокот на 2019 година да следи и целосната либерализација на енергетскиот сектор во земјава.
Што се однесува пак за можноста граѓаните или домаќинствата да продаваат струја, во моментов не постојат законски услови што би овозможиле продажба на вишокот струја од обновливи извори.

Во земјава има околу 500.000 домаќинства кои се потрошувачи на струја, а околу 4.500 изминативе десетина години добија субвенции од државата за да инсталираат сончеви колектори. Со искористувањето на енергијата од сончевите зраци се овозможува на годишно ниво да се заштедат повеќе од 150.000 киловат-часови струја, а тоа е еднакво на потрошувачката на еден помал град.Искуството на граѓаните што веќе поставиле вакви системи покажува дека на годишно ниво можат да заштедат од 2.500 до 3.000 киловат-часови електрична енергија, а ова количество струја во зависност од цената на струјата може да ги чини до 15.000 денари.

Пресметките велат дека едно домаќинство кое годишно за потрошена електрична енергија плаќа 36.000 денари, односно месечно 3.000 денари троши околу 7.000 киловат часа. Енергетските експерти велат дека за да се обезбеди оваа количина на енергија неопходно е да се произведе со фотоволтаичен систем кој што ќе инсталира на покривот на куќата со моќност од 5 киловати.

Средствата што се неопходни тоа да се реализира би ги чинело околу 6.000 евра, при што оваа инвестицијата се враќа за период од 8 до 10 години.

На ова тема некои европски држави веќе се отидени многу напред како што се Германија и Данска. Како што пишува “Блумберг”, Германија речиси целата енергија што ја произведува е од обновливи извори, а над 50 отсто од целата потрошувачка што користи обновливи извори на енергија ја поседуваат токму енергетските задруги и граѓаните кои произведениот вишок го продаваат .
Со законските измени државата во некои земји во Европа се обврзува да откупи одреден процентуален минимум струја од домаќинствата преку задолжително приложување на т.н. зелени сертификати.

“Гардијан” пишува дека Данска произведува 116 отсто од државните потреби за енергија од ветерници, при што ветерници поседуваат над 150 илјади граѓани.

На оваа тема веќе се разговара и во Франција каде што неодамна стапила во сила одредбата која предвидува сите комерцијални објекти на своите покриви да имаат зелени покриви или соларни системи. Слично е и во Холандија, Шпанија, Велика Британија …

На Балканот најбрз напредок има Хрватска која ги почититува директивите на Европската енергетска заедница кои што се наменети за обновливите извори на енергија, чиј потписник е и Македонија. Со овие директиви се препорачува стимулирање вакви извори енергија и кај домаќинствата.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail
Top