Климатските промени не се доволно застапени во образовниот систем

133966719.jpg

Климатските промени се уште не се доволно застапени во македонскиот образовен систем, наставната програма на средните земјоделски училишта воопшто не ги содржи, а само три факултети имаат додипломски, постдипломски и докторски студии на оваа тема, рече денеска заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Власте Димковиќ.

Во обраќањето на работилницата што ја организира Мрежата за рурален развој по повод проектот „Намалување на ранливоста на земјоделството кон  климатските промени”, Димковиќ напомена дека едукацијата е клучна, но, притоа, таргет не треба да бидат само младите, туку и земјоделските производители.

– Климатските промени се голема закана за земјоделскиот сектор. Но, негативните ефекти од драстичните, нагли температурни промени ја кочат и борбата против сиромаштијата и обезбедувањето доволно храна, истакна Димковиќ, дополнувајќи дека во Македонија, според анализите, највеќе на удар од поплави се Пелагонија и Струмичко, а од суши Овчеполието и Штипско.

Регионалниот координатор на ФАО за Европа и Централна Азија Рубен Сеса нагласи дека клучното прашање е како младите да се вратат во земјоделството зашто секторот го сочинуваат претежно возрасни луѓе, над 60 години.

– Во оваа насока не е битно само создавањето соодветни образовни програми, туку важни се и политиките, како и средината која ќе им овозможи на младите да станат земјоделци – претприемачи, потенцира Сеса.

Освен формални, додаде, неопходни се и неформални модули на образование.

– Климатските промени бараат комплексен пристап, анализи во различни сфери врз основа на кои потоа се дефинираат оптимални мерки за адаптација како системи за наводнување, посебни сорти растенија,… Нема директен одговор кои се препораките. Првата фаза е  проценка на влијанието преку испитување на почва, вода, социјална структура, структурата на фармите, вреднодните синџири,… Сето тоа ќе се земе предвид за да се оптимизираат интервенциите, посочи Сасе.

Анализите во рамки на проектот поддржан од ФАО течат, а резултатите се очекуваат кон крајот на 2018 година

извор: МИА

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail