„Книжевно жезло“ на ДПМ за Стојан Тарапуза и Еќрем Баша

zezlo-1.gif

Наградата „Книжевно жезло“ на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) за поетски опус со високи естетски вредности ја добија македонскиот поет Стојан Тарапуза и поетот од Косово Еќрем Баша.

Одлуката, како што соопшти ДПМ, едногласно ја донесе Организацискиот одбор на Меѓународната манифестација „Празник на липите“, што се одржува во рамки на програмските активности на ДПМ. Признанијата на добитниците ќе им бидат врачени на централната приредба на оваа манифестација, во јуни идната година. Друштвото на писателите ќе објави посебна публикација со избор од поезијата на лауреатите на македонски, албански и англиски јазик.

Стојан Тарапуза е роден во Злетово, во 1933 година. Автор е на 28 стихозбирки кои оставија печат во развојните текови на македонската поезија во изминатите шест децении.

Стојан Тарапуза

Меѓу најзначајните поетски книги на бардот на македонската книжевна сцена Стојан Тарапуза се вбројуваат: „Црвено растење“, „Во каменот ден“, „Мудрословија“, „Цвет и злато“, „Деновирки“, „Под стреата на ѕвездите“ и „Скаменет сон“. Неговата поезија во посебни книги и во антологиски и панорамски избори е преведувана на руски, англиски, чешки, српски, бугарски, словенечки, турски, романски, албански, украински и полски јазик. За својот книжевен опус добитник е на врвни признанија, меѓу кои наградите „13 Ноември“, „Ванчо Николески“, „Змаева награда“, „Курирче“, како и на наградата на РТВ Скопје. Член е на ДПМ од 1966 година.

Поет Екрем Баша

Поетот од Косово Еќрем Баша е роден во 1948 година во Дебар. Дебитираше во 1971 година со стихозбирката „Опусите на маестрото“, а потоа објави уште дванаесет поетски книги, меѓу кои „Постојки на благодарните“, „Политикон“, „Ѕвездоморе“, „Атлет на белите сништа“ и „Млечен пат“. Негови песни се застапени во антологии на косовската, албанската и на балканските поезии. Еќрем Баша е редовен член на Академијата на науки и уметности на Косово.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail