vest_3_vselena_2.jpg

Процес кој традиционално се користи како третман при срцев удар или трауматска повреда на мозокот сега покажува потенцијал како потенцијален метод за овозможување на долготрајни вселенски патувања преку хибернација. Зад ова стои Џон А. Бредфорд, претседателот на компанијата Spaceworks.

Докторите оваа стратегија ја нарекуваат „терапевтска хипотермија“ – телото бавно се лади до температура помеѓу 32°C и 34°C (нормалната е 37°C), што го намалува крвниот притисок и ја забавува работата на срцето, давајќи им на докторите дополнително време за вршење на сериозни интервенции.

Пациентите во оваа состојба се држат околу 2 до 4 дена, иако техниката функционирала и до 2 недели без никакво мерливо оштетување на организмот. Постојат и докази дека оваа состојба е можно да трае и далеку подолг период. Jапонец има преживеано 24 дена во хипотермичка состојба откога паднал од раб на планина во Јапонија.

Бредфорд се надева дека преку дополнителна работа ќе успее да го продолжи безбедниот период на оваа состојба да трае неколку месеци и вели дека технологијата и опремата потребна за сето ова ќе биде лесно автоматизирана и спремна за употреба во Вселената.

Компанијата Spaceworks работи на систем на отворена комора во која ќе може да се сместат повеќе членови на екипажот, а за разлика од научно-фантастичните филмови каде што патниците се одржуваат во ваква состојба со години (понекогаш и стотици), системот на Spaceworks ќе нуди повеќекратни периоди на хибернација. Тоа ќе значи дека секогаш ќе има некој буден член од екипажот кој ќе може да интервенира во итни случаи, како и да ги набљудува состојбите на останатите членови.

Една од многуте работи кои ќе биде потребно да се осмислат додека сето ова стане реалност е решавањето на долготрајните (медицински) ефекти кои ги предизвикува ниската гравитација. Бредфорд и тимот работат на методи кои ќе ги одржуваат телата на екипажот активни, а едно од понудените решенија е електричната стимулација – која веќе се користи во физикалната терапија денес.

Планот Spaceworks е да започнат со тестирање врз животни наредната година, по што ќе следи тест врз луѓе во Вселената и на Интернационалната Вселенска Станица. Дури по сите овие тестови, во зависност од резултатите, ќе се размислува за меѓуѕвездени вселенски мисии.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail