Компаниите можат да иновираат со помош на креативни студенти!

solveo-e1484474231973.jpg

Солвео е иницијатива која ги поврзува талентираните студенти со компании за креативно решавање на модерни бизнис проблеми. Нашата цел е да изградиме заедница од талентирани студенти кои ќе добијат можност да го истакнат својот талент преку работење на реален проект, а истовремено да овозможиме достапност до иновативни решенија за компаниите.

Oсновачи и сопственици се Драгана Нешовска и Иван Зографски, кои идејата почнале да ја разработуваат пред околу една година кога се вратиле од студии во Велика Британија.

Се решивме да ја формираме како компанија во април 2016. Иако беше тешка одлука да се отпочне нешто ново, сепак се решивме поради тоа што имавме веќе заинтересиран прв клиент и поради големата поддршка од фамилиите и пријателите“, велат Драгана и Иван во интервју за Иновативност и додаваат:

Се одлучивме да почнеме да работиме со студенти, бидејќи тие се најголемата позитивна сила во едно општество, најподготвени да притфатат новини и многу сакаат да се докажуваат. Со формирањето на Солвео сакаме да им дадеме дополнително место каде студентите ќе можат да го истакнат својот квалитет и да го покажат својот талент во пракса пред потенцијални работодавачи“.

–           Велите дека вашата визија е да го истакнете талентот на студентите во Македонија и да овозможите достапност на сите до иновативни решенија. Објаснете ни што конкретно значи ова и како функционира во пракса?

Пред неколку години правевме истражување на пазарот за отвореноста на компаниите кон иновации, со какви проблеми се соочуваат во процесот, зошто нема порадикални иновации на пазарот и дојдовме до неколку клучни заклучоци. Најпрво како една од поголемите недостатоци и пречки беше проблемот да се најде талентиран персонал. Втора голема пречка е недостатокот на ресурси, односно преголемите трошоци за да се спроведат иновативни проекти.

Со ова на ум, поттикнати од веќе постоечките трендови на crowdsourcing и отворени иновации каде што во решавање на општествените проблеми и проблемите на компаниите се вклучуваат повеќе надворешни учесници, го оформивме SOLVEO каде главниот фокус ни е да ги решиме токму тие проблеми.

Овој процес не е нов, тој е веќе доста користен од светски гиганти како IBM, Intel, Procter & Gamble, Shell, BMW, General Electric, VISA Europe, Starbucks, Unilever, Ford и многу други.

Процесот функционира вака:
1. Пронаоѓаме проект/проблем/можност за подобрување кај некоја компанија
2. Го објавуваме повикот за аплицирање и ги селектираме најдобрите и најсоодветните кандидати за проектот
3. Во три до 4 неделно интензивно работење, секој од тимовите заедно со нас и претставници од компанијата работат на проектот
4. На крајот од натпреварот се избира најсоодветното решение и се наградува победничкиот тим.

–          Неодамна завршивте еден успешен проект со шведска компанија која бара решение како да ја популаризира платформата за споделување на рецепти. Кои беа ефектите и колкав беше интересот?

Нашиот процес не е нешто ново, само е модифицирана верзија на неколку различни веќе етаблирани начини на решавање на модерни бизнис проблеми. Начинот на функционирање сега за сега ни е offline, но со планови наскоро да отпочнеме и online платформа кој ќе го направи нашиот бизнис модел поскалабилен.

Што се однесува за последниот натпревар, морам да напоменам дека, иако беше за време на испитна/колоквиумска сесија, имавме преку педесет пријавени студенти за натпреварот. Тоа многу не радува нас лично, бидејќи знаевме дека пријавените во старт имаат голема желба да учествуваат и се доста амбициозни.

Клиентот ни беше од Шведска, но производот беше фокусиран на пазарот во САД што само го зголеми предизвикот и му даде глобална димензија на натпреварот. Ова беше многу интересно за учесниците, бидејќи стапија во контакт со неколку странски компании за потенцијални партнерства со нашиот клиент. Според мене, многу добро се носеа со тој предизвик иако на почетокот бевме скептични.

Реакциите на клиентот за понудените решенија беа многу позитивни, до тој степен што во договор со нашиот клиент решивме, покрај победничката награда, да имаме специјална (втора) награда која ќе отиде кај тимот кој понуди едно специфично и многу лесно спроведливо решение.

солвео2
Oд работна атмосфера
–           Вие практично спојувате иновативни студентски тимови и компании кои бараат решение на некој проблем или проект. Како изгледа тоа?

Преку работа со нашите клиенти наоѓаме проблем со кој тие се соочуваат или проект кој ќе им послужи за развивање на нов продукт, истражување на нов пазар. Тој проект го подготвуваме како натпревар на кој студентите се пријавуваат. Одбраните студенти во тимови одредени од Солвео  поминуваат преку нашиот уникатен процес преку работилници кои се одржуваат во текот на 3 – 4 недели. Со нив заедно работиме на решавање на истиот проблем. Преку овој процес студентите се здобиваат со уникатно искуство на работа на реален проект. Придобивката за компаниите е што добиваат повеќе решенија од различни тимови и дополнително можат да најдат талентирани индивидуалци кои во иднина би ги вработиле.

–           Дали тоа значи дека која било компанија од Македонија може да Ви се обрати? Има ли какви било ограничувања?

Нема никакви ограничувања, секоја компанија која е заинтересирана да се вклучи во процесот на отворени иновации и е подготвена да ги отвори своите врати на повеќе тимови на студенти е повеќе од добредојдена да не контактира. Секоја компанија се соочува со повеќе проблеми отколку што може со своите лимитирани ресурси да реши. Затоа, Солвео и високо калитетните македонски студенти се тука да помогнат.

–           Од досегашното искуство, што би им препорачале на компаниите па и на студентите како две главни категории со кои соработувате?

Свесни сме дека нашата понуда е можеби малку неконвенционална, со форсирање на работа само со студенти и поттикнување на нашите клиенти да бидат што потранспарентни во комуникацијата со нив. Сепак целиот процес е доста тестиран тука и надвор, а и комплетно модифициран за пазарот и досега дава позитивни резултати. Затоа би им препорачале на компаниите да бидат повеќе отворени во работа со надворешни страни и да имаат поголема доверба во талентите на студентите.

Додека на студентите би им препорачале да бидат посамоуверени во своите квалитети, но и да знаат дека тоа што го учат на факултет е само подлога за предизвиците што ги очекуваат понатаму. Тие сами одлучуваат каде ќе ги носи патот. И секако да бидат доволно амбициозни и подготвени за предизвик за да се пријават на следниот Солвео натпревар.

солвео3

–           Како го оценувате иновативниот капацитет на македонските компании?

Сеуште сме на почеток од нашиот развој за да можеме веродостојно да го оцениме капацитетот на македонските компании. Според досегашните контакти и истражување можеме да кажеме дека сеуште постои одредена доза на затвореност во повеќето компании и оној познат “not invented here”  синдром каде што се избегнуваат квалитетни решенија поради тоа што не потекнале од внатре од компанијата. Тоа не е нешто што се случува само во Македонија, туку глобален синдром кој многу полека но сигурно губи на јачина. На нашиот пазар постојат компании кои се повеќе од подготвени да го подобруваат својот капацитет за воведување иновации и во тие компании нашето решение поминува доста добро.

–           Планови за 2017?

Во подготовка сме на повеќе проекти за првата половина на оваа година. Мораме да истакнеме дека благодарение на нашите блиски соработки со факултетите и партнерските компании ќе работиме на проекти со македонски клиенти и клиенти од странство. Исто така, во подготвителна фаза сме на развој на Солвео дигиталната платформа, која според наше мислење и мислењето на нашите ценети советници ќе не однесе на ново повисоко ниво во 2017.

извор: www.inovativnost.mk

 

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail