Кустурица: Еве кои руски книги еден странец мора да ги прочита за да ја сфати Русија

emir-kusturica.jpg

Во интервју за рускиот весник „Известија“ Емир Кустурица зборува дека размислува за снимање на „Херој на нашето време“ во Москва, да напише роман за Кинези, што треба да се прочита за да се сфати Русија и кој е најдобриот современ руски писател.

https://studenti.mk/konkursi-2018-2019/

„Херој на нашето време“ на Лермонтов е роман кој постојано се повторува во Русија и секогаш звучи современо, вели Емир Кустурица. Но, проблемот е во тоа што Русија сега е во фаза на транзиција кон западниот, поточно американскиот начин на живот. И ова е многу интересна тема – да се најде точката каде што се разидуваат патиштата: што е Русија и накаде оди, вели Кустурица за рускиот весник.

Филм според „Херој на нашето време“ е полесен проект, вели филмскиот режисер, а инаку се занимава и со покомплициран проект.

„Сега сум во процес на пишување роман. Кој потоа, со кинески сценарист, сакам да го претворам во сценарио. Суштината на книгата е блиска до „Идиот“ и „Злосторство и казна“. Сигурен сум дека во Кина сега е актуелен проблемот на моралот…“

Сите морални дилеми од романот на Достоевски во Кина преминуваат на друго ниво и друг јазик, мисли Кустурица, а Пекинг го гледа како огромна сцена на која можат да се реализираат таквите идеи. Кустурица додава дека не зборува кинески, туку ќе се обиде да го искористи слухот, како што сними два филма на ромски јазик.

На прашањето кој е за него подобар писател, Толстој или Достоевски, Кустурица одговара: „Толстој има многу чудна биографија. Во еден момент почнал да верува дека е Бог. А мене не ми се допаѓа тоа. Тој во животот воопшто не бил маченик како Достоевски“.

Пет руски книги кои странецот треба да ги прочита за ја сфати Русија, според Кустурица, се „Записи од мртвиот дом“ и „Идиот“ на Достоевски, „Ана Каренина“ на Толстој, „Херој на нашето време“ на Лермонтов, „Пушкиновите ридови“ на Довлатов и сѐ што напишал Чехов.

За современата руска литература Кустурица вели: „Вие во Русија сега имате еден голем писател – Прилепин. Тој и Џонатан Францен се најдобрите писатели на современоста. Интересно е тоа што Францен потсетува на Толстој, а Прилепин личи на бунтовен Фокнер“.

Филмската уметност се промени многу, вели Кустурица. Сега таа е приспособена за телевизорот. „Во Европа тоа се вика минимализам. А јас продолжувам да се занимавам со волшебен реализам. Јас сум старомоден во тоа и таков и ќе останам“.

ИЗВОР: РУСКА РЕЧ

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail
Top