Квалитетот на спермата ќе се проверува со мобилен?

Sperma.jpg

Истражувачки тим од Бостон создал систем кој комбинира мобилна апликација и хардверски додаток за паметни телефони со кој ќе може мажите сами да го проверат здравјето и квалитетот на својата сперма.

Доколку стане масовно достапен овој систем, тоа значајно ќе ги намали трошоците што досега се потребни за правење спермограм. Исто така, ќе биде намалена непријатноста на тестирањето.

Паметните телефони се масовно распространети, а апликацијата и додатокот нема да имаат висока цена, проценуваат научниците.

За да се случи ова, треба да се доработи прототипот, а потоа регулаторните тела да го одобрат системот за употреба. Во идеален случај, овој систем за тестирање би бил достапен за неколку години.

Веќе постојат системи за домашно тестирање на плодноста, но овој би бил прв што ќе ги анализира концентрацијата на сперматозоиди и нивната подвижност, што се клучни фактори за плодност. Истражувачите зборуваат за 98 отсто прецизен тест, кој засега нема име.

Системот би функционирал така што примерок од спермата ќе се нанесе на чип за еднократна употреба кој се става во хардверскиот додаток за оптичка анализа со кој е поврзан паметниот телефон. Апликацијата, по активирањето, го води корисникот низ тестирањето, чекор по чекор. На крајот тој може да реши дали ќе ги испрати резултатите кај својот доктор или ќе ги избрише.

Со проблемот на неплодност годишно се среќаваат повеќе од 45 милиони двојки низ светот. Уште еден проблем е што во голем број средини на неплодноста погрешно се гледа како на женски проблем, додека дури во 25 отсто од случите воопшто не се тестира машката плодност. Показателите зборуваат дека до 12 отсто од светската популација на мажи се неплодни до извесен степен, поради различни фактори.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail