Листа со пролетни предлози за читање

knigi1.jpg

Освен лично задоволство читањето книги исто така е квалитетно поминато слободно време. Токму затоа направивме нова листа со предлог книги за читање кои ќе привлечат сечие внимание. Се наближува пролетта и будењето на природата, а најдобар начин за релаксирање се токму книгите.

Како предлози на листава има книги од различни жанрови и тематики.

1. „Мраз“ – Јацек Дукај

Листата ја започнуваме со научно-фантастичниот роман „Мраз“. Делото било замислено како расказ, но поради историската тематика и многуте ликови прераснало во роман.

Дејството се одвива во алтернативен универзум во кој Првата светска војна никогаш не се случила, а Полска се уште е под руско владеење. Појавата на мраз резултира во големо опаѓање на температурата, со што целиот континент е под вечна зима. Во 1924 година сиромашниот варшавски математичар Бенедикт Ѓерославски оди во Сибир за да го пронајде својот загубен татко. За време на патувањето, нарачано од Министерството за Мраз, Бенедикт сфаќа дека е дел од политичка интрига на две спротивставени страни. Се среќава со Никола Тесла, кој развил технологија за уништување на мразот. Но, во овој свет владее двовредносна логика и работите не се одвиваат според очекуваното.

2. „Наследството на Орхан“ – Алин Оханесијан

Книгата е одличен избор за љубителите на историски романи. Дејството се одвива околу младиот Орхан од Турција, кој поради тестаментот оставен од дедо му, ќе се најде пред решавачки момент во животот кога ќе треба да го донесе најважното судбоносно решение.

Тестаментот на дедото Кемал ќе открие тајна за една младост и забранета љубов меѓу христијанка и муслиман. Љубовта на Лусине и Кемал од почеток е осудена на пропаст. Во 1915 година во Турција започнал масакрот над Ерменците, во кој загинале милион и пол Ерменци. Лусине е Ерменка и преживува благодарение на љубовта на Кемал. Нивната приказна е трагична, но плодот на таа љубов е доказ дека сите бариери во животот можат да се надминат. Орхан добива наследство кое има долга и крвава историја, но светла иднина. Кога ќе го посети ерменскиот дом за стари лица во Лос Анџелес ќе ја открие приказната за ерменскиот геноцид и ќе ја дознае вистината за своето потекло.

3. „Уметноста на љубовта“ – Ерих Фром

Љубовта е вечна инспирација во книжевноста и уметноста, таа е траен двигател во животот на човекот. Ерих Фром во оваа книга ги дава одговорите на многу прашања поврзани со љубовта, ги разгледува односите меѓу луѓето и љубовта како клучен сегмент од животот. Преку теориски описи и примери од животот Фром ги опишува најдлабоките човечки тежнеења.

Ја опишува уметноста на љубовта како форма која бара знаење и напор, отфрлајќи ги замислите дека љубовта е објект (најчесто личност) кој/а треба да се поседува или убедува. Љубовта бара вложување и разбирање, креирање и разбирање на емоциите. Книгата има четири делови во кои е разработено дали љубовта е умеење, терија на љубовта, љубовта и нејзината дезинтеграција во современото западно општество и љубовна практика.

4. „Долината на стравот“ – Артур Конан Дојл

Шерлок Холмс и неговиот верен помошник Џон Вотсон треба да решат мистериозен случај, убиство во Бирлстоун. Сцената на убиството е вистинска мистерија за Холмс, кој го измачуваат многу прашања поврзани со овој случај. Приказната добива облик кога дел по дел се разрешува потеклото на трагедијата, причините за смртта на господинот Даглас во дворецот и конечното разоткривање на вистината.

Новелата има два дела, „Трагедијата кај Бирлстоун“ и „Крвниците“. Двата дела се поврзани поради истиот лик, кој „оживува“ и ја раскажува приказната за тоа како станал непријател со една моќа криминална организација. Напнатост, исчекување, крими елементи, сето тоа го има во оваа новела на Дојл, четврта и последна за Шерлок Холмс.

5. „Фикции“ – Хорхе Луис Борхес

Фикции претставува комбинација од 16 раскази, претходно објавени во две книги: „Градината со патеки“ (1941) и „Изуми“ (1944). Станува збор за една од најпопуларните збирки со кратки раскази на аргентинскиот поет и писател Хорџе Луис Борхес.

Во првиот дел има седум раскази, последниот „Градината со патеки што се разгрануваат“ е криминалистички, другите се фантастични. Во втората книга има девет раскази кои не се разликуваат многу оние во првата.

6. „Страв и трепет“ – Амели Нотомб

Станува збор за еден вид биографски роман на авторката Амели Нотомб во кој се раскажуваат доживувањата на младата Амели во Јапонија. Таа работи како преведувач во компанијата Јумимото, а се соочува со чудните традиционални јапонски обичаи кои се сосем различни од оние на западната култура.

Амели е од Белгија, а на работното место се соочува со различни конфликтни ситуации. Наместо големите очекувања да напредува поради напорот што го вложува, се што ќе направи има спротивен ефект во очите на Јапонците.

7. „Московска сага“ – А.Д. Милер

Психолошка драма за животот во Москва, развратот и губење на моралниот компас на ликовите. Ник Плат е адвокат кој работи во Москва. При една случајна средба ќе се запознае со Маша и Катја и ќе биде вовлечен во љубовна афера.

Дејството во книгата се води од перспективата на Ник, кој на еден начин ќе започне љубовна врска со Маша. Нарацијата се води во форма на писма упатени до неговата свршеница, навраќајќи се кон минатото. Но, книгата има премногу дијалози и детали, така што како целина е роман со крими елементи.

извор: кајгана

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail