Македонија и годинава дел од глобалниот настан Global Game Jam 2019

global-game-e1548142746134.jpg

„Глобал гејм џем“ годинава е закажан од 25 до 27 јануари, во просториите на Факултетот за информатички науки и инженерство (ФИНКИ).

„Глобал гејм џем“ е најголемиот светски настан за креирање игри, кој се одржува еднаш годишно, истовремено на повеќе локации низ целиот свет, во вид на 48-часовен маратон. Минатата година на овој настан се сретнаа 47.000 џемери, се одржа на 803 локации во 108 земји и беа создадени точно 8.606 игри.

– Сите што сакате да креирате игри и знаете да цртате, моделирате, компонирате, програмирате, дизајнирате, мудрувате и продуцирате, па дури и само сакате игри, вие сте за тука! Нема потреба да имате тим.

Само пријавете се на https://globalgamejam.org/2019/jam-sites/skopje – апелираат организаторите од Македонската асоцијација за развивање игри – МАГДА. Цената на влезниците за учесниците е 250 денари.

– Македонија го започна своето учество во 2013 година, а на него досега се сретнаа речиси 1.500 учесници – професионалци, студенти, средношколци и ентузијасти од различни сфери за заедно да креираат игри, да разменуваат знаење и да остваруваат контакти. Досега се создадени 142 видеоигри во прототип, од кои некои продолжија да се развиваат во комерцијални продукти. Лани Македонија беше на петтото место во светот по бројот на игри создадени на нашиот настан по жител. Оваа година сакаме да го подобриме тој пласман, преку зголемување на бројот на учесници – додаваат од МАГДА.

„Глобал гејм џем Македонија 2019“ очекува да има над 350 учесници на локациите. Се очекува да продефилира публика од над 5.000 луѓе за време на отворањето и затворањето, како и во текот на настанот.

– Профили што ќе се сретнат на настанот се девелопери, 2Д и 3Д-артисти, саунд-дизајнери, продуценти и гејм-дизајнери, експерти за монетизација, високомотивирани трендсетери и идни лидери во ИТ-индустријата – гејм девелопмент ентузијасти од сите возрасти. Просечната возраст на нашите учесници е 25 години – информираат организаторите.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail