Македонка литера: Објавени „Лагата не умира“ и други 300 басни од Ристо Давчевски

Makedonka-litera-Objaveni-Lagata-ne-umira-i-drugi-300-basni-od-Risto-Davchevski.jpg

Македонка литера: Објавени „Лагата не умира“ и други 300 басни од Ристо Давчевски

Во издание на Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје е објавен третиот том од досега непубликуваните басни на македонскиот писател Ристо Давчевски (1935-2009), како дел од триесетлогијата во десет тома со заеднички наслов „Беседа на фауните“. Овој том содржи три книги со околу триста негови басни за млади и за возрасни: „Лагата не умира“, „Луда басна“ и „Сто и еден пријател“.

– Од овој авторски проект на Ристо Давчевски, кој е оригинален и единствен – содржи 30 книги со 3000 басни распоредени во 10 тома, досега беа објавени два тома (2011 и 2014 година). Десеттомната серија претставува исклучително богатство не само за македонската литература, туку и за светската: досега ниеден автор на басни во светот не оставил зад себе толку обемен опус на басни (најпознатите – Лафонтен има 12 книги и Езоп 600 басни, а Ристо Давчевски за време на својот 60-годишен творечки период напишал 6000 басни, од кои повеќето од половината не се објавени), информираат од „Македоника литера“.

Проектот на Давчевски „Беседа на фауните“ е создаван дваесетина години. – Давчевски со него ги надрасна сите свои учители – европските баснописци, ја осмисли обновата на долговековната езопизација, ѝ даде нов пулс, нов видик со нова димензија и во тој проект ја вткал душата на своето време со илјадници теми расфрлани низ целата планета. Низ емотивна и извонредна духовита умешност, завиена во апсолутната алузивна асоцијативност и со храбра воинствена сатиричност, ја означил ренесансната алинеја што му прилега на секое големо дело. Ова е проект кој на македонската басна ѝ го дава приматот во европската и светската басна, а на авторот приматот на баснописец во европското книжевно милје, наведуваат од „Македоника литера“.

„Беседа на фауните“, велат од издавачката куќа, е оригинален и по тоа што половината басни се посветени и на возрасните читатели, што е прв случај во историјата на овој литературен жанр.

Извор: vistina.com.mk

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail