Македонка на 22 години стана најмладата менторка во НАСА

masrtina3.jpg

Младата Мартина Димоска, која беше прогласена за личност на годината на „Нова Македонија“ во 2014/2015 година откако го освои првото место на Меѓународниот натпревар за вселенски апликации на НАСА во Македонија при „Њуменс бизнис-акцелераторот“ продолжува со своите огромни успеси и на возраст од 22 години стана најмладата менторка во НАСА. Истовремено, таа постојано го надградува своето образование во домашни и во реномирани странски образовни институции и сега ја очекува својата трета факултетска диплома.

– Уште како малечка го имав тој сон да бидам дел од НАСА. Многу ми е мило што вложив доволно за мојот сон да стане реалност. Мислам дека како најмлад ментор носам една поинаква тежина, но и поинаква предност. Тежина затоа што се чувствувам должна да понудам што повеќе професионалност и знаење за решавањето на предизвиците, бидејќи ментор сум и на многу поискусни и повозрасни од мене. Па, за да бидеме на исто ниво мора да го понудам максимумот. Предноста доаѓа од фактот што учесниците можат побрзо да се поврзат со мене и полесно да го дефинираме проблемот затоа што не се чувствува бариерата – вели Димоска.

Таа на 22 години веќе има стекнато дипломи по мехатроника, роботика и вградени системи на академијата „Њуменс бизнис-акцелератор“ и по аеронаутичко инженерство на универзитетот „Кент Стејт“.
– Јас сум единствена од мојата фамилија што се закитува со факултетска диплома и горда сум на тоа, а уште погорда сум што за скоро ќе се закитам и со трета, како инженер на материјали и нанотехнологии при Технолошко-металуршкиот факултет. Патот е навистина напорен. Треба да менаџираш добро со времето, треба да имаш огромно разбирање од пријателите и од семејството, а притисокот е огромен. Паралелните студии се многу напорни и додека има и потешки професори има и такви што ги разбираат трудот и амбицијата, па тука се да излезат во пресрет. Тоа е од огромна помош – заклучува Димоска.

Таа е многу скромна и вели дека од секое досегашно искуство научила многу, а сите заедно ја имаат изградено како личност.
– Без разлика дали ме имаат подобрувано морално или интелектуално или, пак, ме притискале редовно да бидам надвор од комфорната зона и да вложувам енормно многу време, сето тоа ме правело поиздржлива, поупорна и подобар човек. Ниту едно од достигнувањата не можам да го издвојам како омилено, затоа што тие ме подобриле како личност. Можеби една од најдобрите лекции што сум ги научила е да не престануваме да работиме на себе и да вложуваме во нас, за да бидеме што е можно подобри, посовесни и почовечни – вели Димоска.

Изминатата 2016 година ја помина како успешен стипендист на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, а потоа своето образование го продолжи како стипендист во Соединетите Американски Држави.
– Ми претставува огромна чест што бев избрана на ваква висококонкурентна програма. Бев во САД да ги завршам моите студии на универзитетот „Кент Стејт“, изучувајќи аеронаутичко инженерство, што ги синхронизира моите претходни две дипломи: инженерство на материјали и нанотехнологии на Технолошко-металуршкиот факултет и од Академијата за мехатроника, роботика и вградени системи при „Њуменс бизнис-акцелераторот“, што ме води чекор понапред до постигнување на моите планирани цели – вели Димоска.

Нејзиното професионално доусовршување не престанува тука со оглед на тоа што таа беше прифатена како кандидат за летната школа во ЦЕРН – Женева.
– Практиката во ЦЕРН – Женева ќе ми овозможи да се надградувам во полето на системското инженерство паралелно со инженерството на материјали и нанотехнологии, што ми е всушност и струка. Да бидеш вклучен во најголемите светски експерименти и да можеш да учиш од докажани експерти е нешто на што чекам со нетрпение! Ќе бидам вклучена во програма од мултикултурен тим, ќе имаме следење на предавања што ќе нѐ усовршат и ќе учествуваме во дискусии и работилници со луѓе што се лидери во својата област. На крајот од програмата ќе придонесеме со завршни проекти, каде што нашиот придонес ќе биде оценуван – вели Димоска.

ИЗВОР: НОВА МАКЕДОНИЈА

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail