Македонска студентка во карантин во Италија – Сакам да сум дома, но не би ги изложувала најблиските на ризик

photo_1-1-702x336-1.jpg

Ирена Борис веќе две и пол години живее во Италија во Леко, градче оддалечено педесетина километри од Милано, кој во моментов важи за европски центар на заразени со новиот коронавирус Ковид-19 . Ирена во моментов заедно со четириесетина студенти од повеќе држави се наоѓа во карантин, во студентскиот дом во Леко, како студент на магистерски студии на универзитетот „Politecnico di Milano“. За Радио МОФ таа споделува како се живее во државата која е ставена под карантин по појавата на голем број заразени од коронавирусот, пред се во северниот дел на Италија.

Што се случува во моментов со сите студенти кои студираат во Милано?

Голем дел од интернационалните студенти, како и оние кои доаѓаат од другите делови на Италија го напуштија регионот уште во првите денови за што причините беа паника токму од карантинот што се случува деновиве и фактот што универзитетите ја прекинаа наставата на неодреден период. Откако беше најавен карантинот за Ломбардија во саботата навечер, доста од студентите кои се останатати се обидоа да го напуштат регионот и да заминат во своите земји или градови. По некои доаѓаа родителите со автомобили дури од Сицилија.

Јас живеам во студентски дом во Леко и моментално сме останати околу четириесетина студенти, претежно од подалечни земји до кои е покомплицирано да се стигне како Бразил, Колумбија, Тајланд, Јужна Кореја, Иран, Египет, Индија, Русија и слично. Се обидуваме да ги почитуваме максимално препораките меѓутоа се трудиме и да си даваме меѓусебна поддршка, земајќи во предвид дека сите сме далеку од дома во овој општ хаос без видна разрешница на хоризонтот.

Колку време трае карантинот и што всушност значи, што е дозволено, а што забрането?

Иако карантинот за Ломбардија официјално беше објавен само пред неколку дена, наставата на сите нивоа беше прекината од самиот почеток, како и забраната за собири и работата на јавни места како кина, библиотеки, музеи и слично. Дел од луѓето ги ограничија своите движења и пред официјалната забрана, меѓутоа имаше и такви кои ситуацијата не ја сфатија сериозно и кои придонесоа побрзо да дојде до оваа негативна ескалација и мерките кои беа објавени во неделата. Денеска владата ги засили истите и движењето надвор од населените места ќе биде дозволено само со издржана потреба, иако деновиве движењата и во нив се минимални затоа што владее страв, особено по објавениот карантин. Мерките се на сила дури и во средини како нашата, каде имаме забрана за употреба на заедничките простории и строга контрола на влегување и излегување од зградата на студенсткиот дом. Сепак овој период се обидуваме да живееме нормално колку што можеме, секој работи колку што е возможно на своите обврски како тези, проекти и задачи, излегува(в)ме (зависи од новите мерки) и надвор, секако внимавајќи каде се движиме и како.

Сега останува да видиме деновиве како ќе функционираат новите мерки и да се надеваме дека ќе даде позитивен резултат.

Колку навистина се информирани студентите за проблемот со коронавирусот, дали се префрлаат онлајн некои предавања?

Сметам дека студентите имаат доволни информации за проблемот со коронавирусот затоа што нашиот живот овде деновиве е сведен на константно следење вести, статии и дискусии поврзани со истиот, како и добивање информации и индикации од страна на универзитетите и јавните институции. Проблемот е секако можната игноранција од поединци како и потребата од критички пристап кон информациите чиј недостиг може да се интерпретира како неинформираност, а всушност не е.

Предавањата барем на „Politecnico di Milano“ се започнати онлајн, некои од минатата недела, а некои од оваа. Немам информација што се случува со училиштата и со другите универзитети.

Целиот текст прочитајте го на радиомоф.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail