bojana.jpg

Откако средношколците ќе го завршат своето средно образование се наоѓаат на голема раскрсница и треба да се одлучат што ќе студираат, каде ќе студираат, на кој факултет да се запишат дали тоа да биде приватен или државен. Се наоѓаат на тешки маки бидејќи треба да одлучат за својата иднина, за она што ќе им биде патоказ во животот и со што ќе се занимаваат во иднина.

Иако во Македонија најчесто важи правилото да се запишат на Факултет од кој подоцна ќе може да најдат работа, а не од кој ќе немаат пари ни за леб, сепак има студенти кои си ги следат своите соништа, па и покрај зборувања се запишуваат на она што ги исполнува.

Има и некои од нив што го следат својот сон и надвор од границите на Македонија каде студирањето можеби е потешко, но вреди.

Една од нив и Бојана Кековиќ која студира во Рим на Универзитетот „La Sapienza“ кој важи за најдобар Универзитет. За тоа како се одлучила да студира таму, со какви потешкотии и бенифиции се соочила, колку вреди да се вложи да се студира надвор од Македонија и на други теми, за студенти.мк ни раскажа Бојана, а можеби токму таа ќе ви биде инспирација и вие да студирате во странство.

Како одлучивте да студираш во Рим?

Немам некој посебен момент кога одлучив дека тоа ќе биде Рим. Едноставно, желба за Италија имав уште кога бев мала. Се размислував меѓу Рим и некои други градови. Но, на крај се одлучив за Рим и Универзитетот „La Sapienza“ кој воедно е најдобар државан Универзитет во Италија.

Зошто го одбравте токму тој факултет?

Како што спомнав, во Рим се наоѓа најдобриот Универзитет „La Sapienza“. Јас се одлучив за Психологија односно се запишав на Факулетот „Медицина и психолгија“, смер „Психологија и социјални процеси“.

Со какви предизвици се соочивте?

Се соочив со огромни предизвици и тоа уште првиот ден кога пристигнав во Рим.Првин имав приемни испити, еден за италијански јазик кој е услов за влез на главниот приемен испит (бидејќи студиите се на италијански) и главниот приемен за мојот смер заедно со сите Италијанци. Кога го поминав првиот испит за јазик се соочив со првиот предизвик, не ми пристигна мејл за главниот приемен испит, односно во кој дел од Универзитетот ми е полагањето. Така да, морав сама на самиот ден на полагање да „откријам“ каде полагам, бидејќи полагањата се подредени по презиме, сите се на различни факултети стационирани на денот на полагање. Јас пристигнав на денот на полагање 10 минути пред почеток. Важно ми беше само да пристигнам, а кога ги видов резултатите  и открив дека само јас  сум странски студент кој влезе на мојот смер, ништо не ми беше важно од претходното. Имав уште многу предизвици со кои се соочив и ден денес се соочувам, но сето тоа мене не ми е проблем од причина што јас самата тоа го бирав и мислам дека каде и да сум предизвици ќе има.

Што најмногу Ви се допадна?

Многу ми се допадна пристапот на професорите со мене како странец во моја група. Многу ми помагаа од самиот почеток, а верувајте имав професори кои се многу познати имиња во Италија и Европа. Самото тоа кога ќе слушнат дека си се потрудил да влезеш на „Sapienza“ сите те гледаат различно и сакат да помогнат. Исто така што имаме бесплатно осигурување ние странците и тоа што ако влезеш како странец првата година имаш огромна стипендија, што на пример Македонија ме одби. Покрај тоа, многу ми се допадна што во Италија секоја странец има право на здравство како секој нормален граѓанин во Италија. Законски, ги имаме истите права како и тие. Генерално, многу повеќе олеснувања на повеќе полиња.

Колку се разликува студирањето во Рим од студирањето во Македонија?

Искрено, јас не можам да ја направам оваа разлика бидејќи немам искуство со студиите во Македонија. Можам само да кажам некои примери од пријатели.Можам да наведам примери какво е пријавувањето за испити. На „Sapienza“ единствено нешто што плаќаш е учебната година односно квота која не е воопшто скапа за таков Универзитет, а пријавувањето на испити како и се останато ништо не плаќаш. Се функционира електронски, имаме електронски индекс и сите документи што се потребни можеш во секое време од дома од свој компјутер да пријавиш. Никогаш немаш потреба да одиш на студентски прашања, освен ако нешто не е сериозно.

Кои се бенифициите од студирањето во Рим?

Самото тоа дека „La Sapienza“ е најдобар Универзитет кажува многу. Бенефиции има многу, почнувајќи од тоа дека додека студираш секаде имаш олеснувања, дали тоа е превоз, здравство, култура. После студии можеш веднаш да одбереш стаж и да градиш кариера и тоа на многу важни и јаки места во Италија, Европа.  Јас се чувствувам како секој граѓанин на Италија.  Мислам дека тоа е најважно ако се одлучиш да студираш надвор од твојата држава. После студии ги имаш истите права на кариера како и Италијанците, до тебе ќе биде да се трудиш и да се одлучиш каде сакаш да ја градиш својата кариера.

Каков студентски живот нуди Рим?

Рим има убав студентски живот, а самиот Универзитет има одличен студентски живот, од тип на забави,фестивали од секаков тип, редовни културни настани,многу едукативни настани. Имавме шанса да слушаме и предавања од Стивен Хокинг кој почина во март 2018 година.

Како се роди идејата за Вашата работа која моментално ја работите?

Vitae Moderna односно модниот веб магазин www.vitaemoderna.com е спој на моите студии со мода т.е психологија и мода. Сега е во развој бидејќи сум и при крај со моите студии. Морам да кажам дека добро се развива бидејќи запознав многу луѓе од светот на модата, како на пример асистент од Версаче Ателје, сопственик на „PT Torino“ ( еден од најпознати  за производство на фармерки), луѓе од светот на убавина и со сите тие успеав да направам интервју. Во план е еден мини документарец за еден наш познат светски уметник. Живеењето и студирањето во Рим ми даде храброст да го работам тоа што го сакам.

Што би препорачале на сите оние кои сакат да одат на студии надвор од Македонија?

Ако одлучите да студирате надвор од Македонија, немојте ниту во еден момент да се жалите, колку и да има тешки и носталгични моменти. Запознавајте што повеќе луѓе без разлика со што се занимаваат, посетувајте што повеќе настани и запознавајте ја културата на таа држава. Каде и да сте ќе биде тешко во некој момент, сетите се само зошто сте одлучиле за тоа и дали вреди.Ако нешто не ви се допадне или не се вклопите во таа средина, што може да се случи, размислувајте за тоа што ве прави среќни и каде сте среќни.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail