Македонскиот стартап Спин го репарира стариот мебел и создава уникатен ентериер

slika-profile-e1530278879268.jpg

Марта Мојсова Минаркова работи дизајн на мебел и ентериер, а преку натпреварот „Филантропија на зелени идеи“, го лансирала својот бренд Спин – стартап кој има цел да го репарира стариот мебел и да му најде нов дом наместо истиот да заврши на депонија. Ова беше поводот за интервјуто кое Иновативност го направи со Марта.
(Разговараше – Бисера Срцева)

Како дојдовте до идејата за Спин и како почна приказната на брендот?

Професионално се занимавам со проектирање и изведба на мебел и ентериер. Со текот на времето почнав да гледам убавина и во старите парчиња мебел кои ја изгубиле својата вредност и функционалност, а кои со помала или поголема интервенција можат да станат дел и од современите ентериери. Спојот на желбата за подигање на еколошката свест кај луѓето како и љубовта кон дизајнот го создадоа брендот Спин.

Освен што учествував на натпреварот „Филантропија на зелени идеи“, освоив и награда за да го лансирам стартапот. Оваа награда многу пријатно ме изненади и ми даде голем поттик за работа со оглед на тоа дека натпреварот е на балканско ниво со голема конкуренција и многу квалитетни и издржани идеи. Претпоставувам дека јас ги имав добро конципирано сите потребни елементи за натпреварот, посебно еколошкиот и социјалниот аспект. Комисијата ја увиде потребата од еден ваков проект на нашите простории чија првобитна цел е намалување на отпадот, а со тоа и намалување на загадувањето на воздухот, проблематика која во моментов е многу актуелна на глобално ниво.

Во првата фаза на проектот беа реализирани акции за откуп на стар мебел во руралните средини кој инаку би завршил како огревно средство или дел од отпад. Потоа следеше работилница со млади архитекти и создавање на нови дизајни од откупениот мебел. На крај беше реализирана соработка со повеќе локални занаетчии со кои што сѐ уште соработувам и се дел од тимот на Спин, и соработка со неколку млади дизајнери кои создадоа графички печат за потребите на брендот.

Каков мебел репарира Спин и како се одвива процесот на репарација?

Спин репарира секаков тип на мебел кој има потенцијал да стане уникатно дизајниран мебел. Тој потенцијал го гледам во различни типови на фотељи и столици (посебно од 60тите и 70тите години), комоди, маси и витрини. Посебно внимание и време се посветува на парчињата кои се антиквитети и се со поголема вредност. Секое парче мебел си бара посебен процес на репарација во зависност од тоа во каква состојба е и што сакаме да добиеме како краен производ. Репарирањето е макотрпен процес кој бара многу време, внимание и вештини.

Најпрво го смислувам дизајнот и крајниот производ кој сакам да го добијам, потоа го набавувам целиот потребен материјал за неговата изведба (избор на мебел штоф, боја, се изработува графички печат, оков и се што е потребно). Потоа се носи во работилница и се почнува со процесот на репарирање – од вадење на постојната боја и лак, менување на сунѓер и се друго што треба да се промени до крајните техники на патинирање, резбање, цртање на мебел или платно итн.

ПОВЕЌЕ НА INOVATIVNOST.MK

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail