„Мејл Арт“ – австриска изложба за 300 години од раѓањето на Марија Терезија

izlozba.jpg

На фестивалската програма на „Скопско лето“ вечер се закажани три настани – изложба „Мејл Арт“, концерт на удирачки инструменти и претставата „Отело“.

Во Музејот на Град Скопје од 20 часот е отворањето на австриската колекција „Мејл Арт“ (Mail Art) на која ќе бидат претставени уметници од Австрија по повод одбележувањето 300 години од раѓањето на царицата Марија Терезија (1717-1780).

– Мејл-арт наречен уште како мрежна уметност или уметност на кореспонденција е еден од најголемите андерграунд уметнички феномени на 20 век. Тој ги претвора поштенските сандачиња во музеи без ѕидови, соопшти „Скопско лето“ во најавата.

Изложбата ја организираат Центарот „Добредојде“, Асоцијацијата за култура ИКОН и Австриската амбасада во Македонија, а ќе може да се посети до 16 јули.

На Факултетот за ликовни уметности – Сули ан во 21 часот е закажан концерт на класата по удирачки инструменти на проф. д-р Мојца Седеу. Солист на концертот е перкусионистот Антоние Весковски кого ќе го придружува пијанистката Весна Ангелова-Христов. Дваесет и едногодишниот Весковски е дел од Симфонискиот оркестар на Факултетот за музичка уметност и на ансамблот „Сонант“ и соработник на Македонската опера и балет.

Од 20 часот во Театар Комедија, пак, ќе биде изведена претставата „Отело“ од Шекспир на Турскиот театар-Скопје, која од технички причини беше одложена во понеделникот.

Претставата е во режија на Дејан Пројковски. Улогите ги толкуваат Џенап Самет, Сузан Акбелге, Селпин Керим, Осман Али, Зубејде Али и Неат Али. Кореографијата е на Олга Панго, сценографијата на Татјана Христовска Блажевска, музиката на Горан Трајкоски, а костимографијата на Тања Кларис

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail