Мјузиклот „Тајно моја“ ќе не наврати на нашиот Тоше

mob-3.jpg

На големо течат подготовките за мјузиклот „Тајно моја“ кој во режија на Тони Михајловски ќе биде премиерно изведен на 10 март во Македонската опера и балет. Главните улоги ги толкуваат младите Антонија Гиговска и Денис Димоски, кои беа избрани по пат на Кастинг талент шоуто што се одвиваше во МОБ. Како и многу млади, и тие истакнаа дека растеле со музиката на Тоше.

Во мјузиклот ќе учествува целиот ансамбл, оркестарот, хорот и балетот, како и детскиот хор „Фалсето“. Ќе учествуваат и актерите Игор Џамбазов и Весна Петрушевски, кои како тандем актуелно играат во дуодрамата „Брачна игра“ на нивната матична сцена МНТ.

Либретото е дело на Огнен Неделковски, а автори на новите аранжмани на песните на Тоше се Кокан Димушевски и Сони Петровски.

Проектот е финанасиран од Министерството за култура, а непосреден повод е десетгодишнината од смртта на нашата најголема музичка поп ѕвезда.

– Ова е проект кој повторно ќе нѐ наврати на спомените, на нашиот Тоше Проески, на неговиот лик и дело, кои и по толку долго време од неговото заминување останаа силно да живеат во сеќавањата на нашата нација. Пораките на неговите песни, искреноста со која ги интерпретираше, неговата хумана и благородна мисија допреа со брзината на мислата до сите генерации и затоа слободно можеме да кажеме дека Тоше ни остави непроценливо наследство со кое ја задолжи македонската култура, нѐ задолжи сите нас – потенцира Канческа-Милевска.

Таа нагласи дека во изминатите десет години се реализирани огромен број проекти во чест на Тоше, како Спомен-домот на Тоше Проески во Крушево, кој досега го посетиле повеќе од 400.000 посетители. Најави дека годинава се планира да биде издадена и џебна книга за спомен-куќата на Тоше, како и неколку изложби и други насани поврзани со ликот и делото на Тоше.
Директорот на МОБ, Игор Дурловски истакна дека овој проект преку Кастинг талент шоуто докажа дека во Македонија има многу талентирани музичари и дека за Македонската опера и балет ова ќе претставува предизвик и во иднина да се негува овој жанр.
Актерот и режисер Тони Михајловски истакна дека му е укажана огромна чест. Сценограф на мјузиклот е Марија Ветероска, за костимите ќе се погрижи Марија Пупучевска.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail