Младите со попреченост преку онлајн обука до работа во ИТ секторот

obuka.jpg

Над 130 млади со попреченост, на возраст од 15 до 35 години, ќе се едуцираат за информатичко-комуникациски вештини, со цел што полесно да се вклопат и да најдат работа во ИКТ-секторот. Главната цел на проектот, кој до март 2018 година ќе го спроведува фондацијата „Ај воут“, со поддршка на УСАИД, е да им се помогне на младите со каква било попреченост да станат дел од пазарот на труд, особено во брзорастечкиот сектор на ИКТ-технологиите. Во рамките на проектот, на младите ќе им се обезбеди ефикасен систем на учење од далечина, преку кој ќе можат да посетуваат 20 обуки од дома или од друго место од каде што ќе имаат пристап на интернет. Под водство на ментори ќе завршат 10 обуки за комуникациски вештини, деловно однесување и финансии, како и 10 стручни обуки за веб-дизајн, програмирање и други вештини.

Проектот беше предвиден да едуцира 120 млади, без разлика на видот на нивната попреченост, но интересот ја надмина оваа бројка, па сега имаме 134 пријавени, а има и уште повеќе најави. Ќе ги прифатиме сите и во следната година ќе ги поминат обуките кои ќе треба да им дадат поголема можност да добијат работно место – – вели Томислав Зографски од „Ај воут“.

Едукацијата на млади со попреченост со нови знаења во ИКТ-областите е прв проект од тој вид во земјава и во регионот. Преку него, според директорот на мисијата на УСАИД, Џејмс Стајн, ќе треба да се покрене важноста на образованието на овие лица и можностите за нивна интеграција и инклузија во овој сектор.

Правиме напори да обезбедиме нови алатки за учење и да докажеме дека концептот на онлајн-учење е реална и остварлива можност за сите млади со попреченост да ги надминат физичките бариери во остварувањето на образованието. УСАИД во изминатите 25 години финансираше 80 милиони долари во образовни проекти во Македонија, нагласувајќи ја важноста на образованието. Со овој проект младите ќе треба да стекнат знаења, но и компаниите да ги отворат вратите за нив – посочи Стајн.

Партнер на проектот е МАСИТ, Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии. Според извршниот директор Анита Никова, ИКТ- индустријата има услови да обезбеди место и услови за работа за лицата со попреченост.

ИКТ-индустријата во Македонија вработува 16.000 луѓе, или 2,4 отсто од работната сила во земјата. Вработените се најчесто млади, но искусни лица, кои зборуваат странски јазици и постојано се надградуваат со разни обуки. Она на што треба заеднички да работиме преку проектот, е системот на инклузија на лицата со попреченост, поле на кое Македонија заостанува зад европските земји – посочи Никова.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail