nokj-so-zvezdite-12.jpg

Нема да сме го кафеана, нема да е претстава, нема да сме на плоштад, нема да сме на гости кај некого дома, туку од сето тоа по малку. Со нашата спонтаност и уиграност верувам дека ќе ја испратиме публиката со пријатни впечатоци и дека многумина ќе бидат нови пријатели на МНТ – вели актерот Сашко Коцев

Подолго време размислував што треба да направиме за да ги отвориме вратите на Македонскиот народен театар и за новогодишната ноќ. Кој е настанот што треба да се случи за публиката да дојде на 31 декември во нашиот театар? Што имаме да ѝ понудиме ние на публиката, на гостите, а да биде различно? Секако, тоа се нашите актери, нашите ѕвезди кои го прават идентитетот на МНТ, нашата препознатливост и специфика – вели директорот на најголемата театарска институција кај нас, Дејан Пројковски.

Тој е иницијаторот на проектот „Ноќ на ѕвездите“, односно поинаков дочек на Новата година, за промена во театар. И кој друг би направил подобра забава ако не актерот Сашко Коцев, кој е речиси заштитно лице на театарот и Игор Џамбазов актерот кој заминува и се враќа, а во суштина никогаш не го напушти театарот. Од оваа сезона, Џамбазов и официјално е вработен актер во МНТ.

-Кога во театарот ги имаш нив двајцата тогаш е јасно дека можеш да ја направиш најдобрата забава, најдобриот стендап, односно најдоброто шоу на едно место. Со Игор и со Сашко се договоривме кратко и јасно и се согласивме дека ќе го направиме дочекот како за своја душа и сите што ќе дојдат да се чувствуваат одлично, да имаме насмеани и среќни лица. Сите што ќе дојдат да бидат дел од еден различен дочек на Нова година, каде што ќе избегаме сите заедно од новогодишните клишеа. Со Игор Џамбазов, Сашко Коцев, „Гуру Харе бенд“ и многу изненадувања програмата единствено можеме да ја наречеме „Ноќ со ѕвездите“. Се разбира како добри домаќини за пијалаците и убавата храна ќе се погрижиме ние – вели Пројковски.

Тој додава: Секој голем град си има свој препознатлив дочек на новогодишната ноќ, убеден сум дека нашиот ќе стане еден од тие во Скопје. Ги сакам предизвиците и секогаш се трудам во МНТ да имаме нешто ново и креативно. Токму затоа дочек на новата година во театар – за да биде различно, свежо, забавно, возбудливо…

Кралот на стендап-комедијата, Сашко Коцев, признава дека на почетокот се сомневал дали идејата е добра.

-Искрено, јас бев најголемиот скептик и „неверен Тома“ за идејата. Ми изгледаше многу чудно и невообичаена идејата публиката да седи во сала, да ја пречека Нова година и да има некаква прослава. Но, излезе спротивното – публиката што не сака да оди по ресторани, каде ќе се случува нешто што го правиме минимум еднаш месечно, песна, пијачка, гласна музика и ордевер. Е поради таа публика, „Ноќ на ѕвездите“ е скоро распродадена.

Сѐ ќе започне во 21.30 часот во целото фоаје на МНТ, со коктел, пијачки, канапеи, заедно со диџеј Миле Ѓуриќ од „Антена 5“, потоа во салата со пијачка в рака следува отворањето со получасовен стендап, а потоа Гуру Харе и Игор со неколку паузи за пијачки и „боцки“. Следува одбројување на полноќ, а потоа забавата продолжува во фоајето каде што следува главниот коктел со Игор и Харе на пијано и гитара и диџеј Миле, појаснува Коцев.

-Нема да сме го кафеана, нема да е претстава, нема да сме на плоштад, нема да сме на гости кај некого дома, туку од сето тоа по малку. Со нашата спонтаност и уиграност верувам дека ќе ја испратиме публиката со пријатни впечатоци. Верувам дека многумина од нив во Новата година ќе ги видиме на билетарницата како нови пријатели и верна нова публика на МНТ – вели познатиот актер.

Влезницата за настанот е 1.800 денари – ништо поскапа од кој било аранжман во кафеана.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail