МОБ ќе ја отвори новата сезона со балетскиот спектакл Клеопатра

timthumb-1.jpg

МОБ  новата сезона ќе ја отвори со балетскиот спектакл Клеопатра на 27 септември во 20 часот . зборот за оваа претстава доаѓа токму во консултација со публиката и статистиката. Клеопатра е најизведувана и најпосетена претстава од репертоарот на МОБ, во текот на една сезона. Во изминатата сезона оваа претстава е изведена 12 пати и ја погледнале повеќе од 8.500 посетители, информираат од МОБ.

Како во изминатата сезона, така и оваа, МОБ во својата програма вклучува неколку премиери. Македонската публика ќе има можност на 18 октомври да присуствува на првата  премиера во новата сезона. Се работи за триптих, изведба на три балетски дела и тоа, СОФА и НЕКОИ СРЦА, во кореографија на светскиот кореограф Ицик Галили од Израел, а на музика од Том Ватс и Филип Глас. Третата претстава е обнова на ПЕСНА НАД ПЕСНИТЕ (Лудница) во кореографија на Сташа Зуровац, а на музика на Маријан Нечак.

За месец октомври е закажана и првата оперска премиера во новата сезона, на 31.10.2017 во 20 часот премиерно ќе бидат изведени претставите Кавелерија Рустика на Пиетро Маскањи и Паљачи од Руџеро Лоенкавало. Се работи за оперски дела во еден чин, дел од класичниот репертоар на секоја оперска куќа во светот и за таа цел се поставуваат и на сцената на МОБ.

До крајот на оваа календарска година, во тековниот репертоар на сцената на МОБ, ќе бидат изведени балетските претстави Дон Кихот, Дамата со камелии, Лебедово езеро и Бурнонвил, додека од оперските претстави, публиката ќе може да ги погледне Тоска, Набуко, Травијата, Евгениј Онегин и Лилјакот. За изведбите од тековниот репертоар, МОБ ќе продолжи да кани имиња од светската оперска и балетска сцена, со цел доближување на квалитетот до публиката.

За 2018 година, во предлог програмата се ставени три оперски и три балетски премиери и тоа, обнова на Кармен од Жорж Бизе, премиера на операта Шение од Умберто Џордано и Џани Скики од Џакомо Пучини. Балетот во 2018 прославува 70 години од своето основање при МОБ, и по тој повод ќе се организира голема европска балетска конференција на која балетот при МОБ ќе биде домаќин, а воедно ќе бидат поставени премиерно и балетите Божествена комедија и балетот Ромео и Јулија.

Во насока на збогатување на програмата, МОБ и натаму ќе го организира детскиот викенд, што претставува изведба на детски оперски и балетски претстави во викенд термините. Дополнително програмата ќе биде збогатена и со алтернативната сцена, со цел развивање на истата преку поддршка од страна на куќата, а во насока на создавање нови и квалитетни оперски гласови и балетски кореографи.

Македонската опера и балет првото полугодие од 2017 година го заврши на 24 јуни со моцартовиот Реквием. Потоа, следеа гостувања на балетот во Пловдив – Бугарија, Охрид – Македонија и Сплит – Хрватска. Со тоа се заврши програмата на МОБ за сезоната 2016/2017 година. МОБ во првото полугодие од 2017 година ја посетија повеќе од 25.000 посетители на 76 претстави. Со тоа се остварија зацртаните цели на куќата, да достигне 50.000 публика како и да бидат изведени 150 претстави по сезона, информираат од МОБ.

 

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail