Можат да ви украдат отпечатоци од фотографиите !

fingerprints.jpg

Следен пат кога ќе позирате за фотографија, имајте предвид дека постои таа засега мала можност вашите отпечатоци да се најдат во туѓи раце.

Вознемирувачката вест доаѓа од истражувачите во јапонскиот Национален институт за информатика (NII). Јапонските научници изјавија дека успешно екстрахирале употребливи отпечатоци од фотографии направени и од 3 метра далечина. Тие предупредуваат дека камерите на смартфоните се доволно добри за да фотографираат јасен отпечаток и во обични ситуации како кога правите селфи во кое го покажувате знакот „peace“ со прстите.

Истражувањето истакнува дека биометриската автентификација станува сé поприсутна во секојдневниот живот. Според истражувачите, изгледа дека крадењето на отпечатоци станува еден од омилените методи на хакерите од „темниот веб“. Исао Ечизен – од Digital Content and Media Sciences Research Division на институтот, потсетува дека еден хакер може да извлече многу информации од фотографија споделена онлајн, особено во ваков случај, кога отпечатоците стануваат лесно достапни.

Како одговор, неговиот тим разви специјална фолија за заштита. Се работи за транспарентна самолеплива фолија направена од титаниум оксид, која спречува отпечатоците да бидат копирани. Притоа не им попречува на уредите за верификација на идентитет преку отпечатоци. Тешко дека некој би се замарал да лепи фолии за едно обично селфи, ама ваквата заштита може да се покаже особено значајна запрофесионалните хенд-модели (во рекламите и сл.).

Проблемот со тоа вашите биометриски податоци да се најдат во рацете на некој хакер е што ако се сомневате дека некој ви има пристап до одреден профил, лесно и веднаш можете да го смените пасвордот. Со биометриските податоци и документи не е така.

Според Роберт Кепс, од компанијата за биометриска заштита NuData Security:

„Сееме физички биометриски податоци каде и да одиме, оставајќи отпечатоци на сé што ќе допреме, споделувајќи селфиња на друштвените мрежи, и видеа со пријатели и семејство. Многу од оваа информација потоа може да биде украдена од измамници. Еднаш штом биометриски податоци се украдени и продадени на темниот веб, ризикот од несакан пристап до акаунтот или идентитетот на корисникот остануваат да постојат до крајот на животот“.

Притоа, да се користи биомимикрија (на отпечатоците, на пример) за да се добие пристап до нечии лични податоци – не е новост. На пример, во 2015-та, хакерот Јан „Starbug“ Krissler ја рекреираше рожницата на Ангела Меркел со помош на една нејзина фотографија. Потоа тој податок го искористи за да отклучи извесен тест. Друг пример е апликацијата наречена FindFace, која Твитер ја забрани во декември, затоа што се покажа дека нејзиниот софтвер за препознавање лица може да ги најде друштвените профили (и со тоа нивните имиња и презимиња) на тотално непознати луѓе, само врз основа на една фотографија. Особено ефикасна се покажа на руската VK (руски пандан на Facebook), ама и на LinkedIn, Facebook и други мрежи.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail