На денешен ден 1945 започна официјалната кодификација на македонскиот литературен јазик

makedonski-jazik.jpg

На денешен ден (3 мај 1945 година) Комисијата за азбука и правопис ( предводена од Блаже Конески) донесе резолуција со која во дефинитивна форма се утврдува азбуката и правописот на македонскиот јазик.

Два дена потоа, на 5 мај 1945 година, Народната влада на Федерална Македонија (претседател: Лазар Колишевски) ја усвои таа резолуција. Еден месец подоцна, на 7 јуни 1945 година, озаконет е и правописот на македонскиот јазик.

Комисијата за јазик и правопис е формирана од Президиумот на АСНОМ во ноември 1944 година, со цел да поднесе предлог за азбука и правопис на македонскиот јазик.

Првата комисија не ги оформила целосно своите ставови, па, со извесни измени во составот на комисијата, прашањето за азбуката и правописот се решило во мај 1945 година. Притоа се поставиле следниве принципи:

  • Во македонскиот литературен јазик треба да се востановат оние форми од централните говори што во најголем степен ќе ги поврзат сите наши говори и ќе бидат лесно приемливи за луѓето од сите наши краишта.
  • Во македонскиот литературен јазик треба до најголем степен да се изрази неговата народна основа. Речникот на литературниот јазик да се збогатува со зборови од сите наши дијалекти, да се изградуваат нови зборови со живи наставки и само колку што е потребно да се усвојуваат и туѓи заменки.
  • Македонската азбука да биде составена од толку букви колку што има гласови во литературниот јазик. Правописот да се изработи врз фонетскиот принцип.

Комисијата за азбука и правопис во дефинитивна форма ги формулира своите ставови во Резолуција, донесена на 3 мај 1945 година.

Во календарот на државни празници нема ниту еден од овие денови.

Извор:АКО.мк

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail