На денешен ден е роден Блаже Конески

20161219-na-deneshen-den-e-roden-blazhe-koneski-m.jpg

Блаже Конески (19 декември 1921 – 7 декември 1993) е истакнат македонски книжевен, културен и јавен работник, академик – прв претседател на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), поет, прозаист, есеист, литературен историчар, филолог и јазичар, преведувач и професор на Филозофскиот факултет во Скопје. Тој е еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик и значајна личност во македонската книжевност.

Роден во село Небрегово, Прилепско, каде живее до својата осма година. Потоа, целото семејство се сели во Прилеп и таму Конески учи основно училиште и нижа гимназија. Виши класови гимназија учи во Крагуевац. По завршувањето на гимназијата во Крагуевац, во Белград се запишува на Медицинскиот факултет, но после еден семестар следи студии по филологија, а по капитулацијата на Кралството Југославија, на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“ продолжува да студира филологија. Секако, со оглед на тешката положба во која се наоѓале Македонците во Кралството Југославија и во Царството Бугарија, Конески на Универзитетот во Белград се запишува како Благој Коневиќ, а на Универзитетот во Софија како Благој Конев.

Имајќи едно вакво животно искуство по ослободувањето активно се вклучува во стандардизирањето на македонскиот јазик. Како научник – славист тој ги прави најголемите чекори за македонскиот литературен јазик. Го составил правописот на македонскиот литературен јазик, ја напишал Граматиката на македонскиот јазик, Историјата на македонскиот јазик и е еден од составувачите и главен редактор на Речникот на македонскиот јазик (во три тома). Основач е на студиите по македонистика на Скопскиот универзитет (од 1958 до 1963 бил негов ректор).

Во 1967 година станува член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и е нејзин прв претседател (до 1975 година). Исто така бил член на Македонскиот ПЕН центар и член на Друштвото на писателите на Македонија од 1947 година и негов прв претседател.

Освен со научна, Конески се занимавал со творечка, препејувачка, есеистичка и критичка дејност. Во 1945 година се појавува неговото прво поетско дело „Мостот“ со мотив од изградбата на земјата; 1948 година збирката „Земјата и љубовта“ – песни со патриотски и борбени чувства карактеристични за првата фаза на повоената македонска поезија; 1953 година збирката „Песни“, каде се свртува кон себе, кон својата интима. Следуваат збирките: „Везилка“, циклусот „Стерна“, збирката раскази „Лозје“. Ги напишал и збирките песни: „Записи“, „Стари и нови песни“, „Чешмите“, „Послание“, „Цркви“, „Златоврв“, „Сеизмограф“, „Небесна река“ и „Црн овен“.

Конески беше почесен директор на неколку универзитети, а во негова чест, денес Филолошкиот факултет го носи името Блаже Конески.

Во продолжение е песната „Тешкото“ која Конески ја напишал во 1946 година, а ја објавил во 1948 година во збирката песни „Земјата и љубовта“.

„Тешкото“

О тешкото! Зурли штом диво ќе писнат,
штом тапан ќе грмне со подземен екот –
во градиве зошто жал лута ме стиска,
во очиве зошто навирува река
и зошто ми иде да плачам ко дете,
да превијам раце, да прекријам лик –
та гризам јас усни, стегам срце клето,
да не пушти вик.

О тешкото! Старци излегуват еве,
на чело им мисла, во очи им влага
и првиот чекор по меката трева
е мирен и бавен, со задржана тага.
Но ‘рзнува тапан и писок се крева
и молнија светнува во секој глед,
и напред се пушта, се стрелка, се слева
стегнатиот ред.

До старците момци се фаќаат скокум;
не издржа срце – сив сокол во клетка,
не издржа пламен жив потулен во око,
не издржа младост што сака да летне!
Се залула оро! Се заврте земја,
и чиниш – се корне стресениот век,
и околу трпнат ридиштата темни
и враќаат ек.

И божем се врасло кипнатово оро
со исконска сила за земјава наша
и во него шуми на реките зборот,
и во него рика див ветер и страшен
и во него шепнат узреани житја
и вечерен мирис се разлева тих,
и земјата дише во пролетна ситост
со запален здив.

И душата, чиниш, на родот мој мачен
во тешково оро се уткала сета –
век по век што трупал сè попуст и мрачен
од крвава болка, од робија клета,
век по век што нижел од корава мисла
за радосна челад, за слободен свет,
од песна – за љубов што гине со пискот
ко жерав во лет.

О тешкото! Кога во молк да те гледам,
на очиве магла ми напаѓа сура,
и одеднаш – в бескрај се растега редот
и ридја се губат в пустелија штура –
и еве кај иде од маглата матна
сè сенка до сенка, сè еден до друг –
во бескрајно оро син оди по татка,
по деда си – внук.

Времињата мрачни се нивното поле,
и нивната свирка – на прангите ѕвекот,
а главите им се наведени доле,
и покроце врват – сè чекор по чекор.
О времиња, што ве в мрак родот мој минал,
кој збор ќе ми најде за вашата стрв?
Кој збор ќе ми најде за ужасот зинат
над пустош и крв?!

Кој број ќе ми каже на лутите рани,
на пламнати ноќи, на пеплишта пусти,
кој на срце болки ќе изреди збрани,
и на очи солзи, и клетви на усти?
О тешкото! Синџир ти беше на робја,
од калеши моми и невести ред.
со врзани раце во плен што ги погнал
насилникот клет.

О тешкото! Синџир ти беше на робја,
дур не стана народ во листена гора,
сè дури со јадот од векови собран
не поведе бујно, бунтовничко оро!
се залула танец низ крвје и огон,
и повик се зачу и грмеж во чад –
те разнесе сегде бунтовната нога
по родниот кат.

О тешкото! Сега по нашите села
во слобода првпат штом оро ќе сретнам,
зар чудно е – солза да потече врела,
зар чудно е – жалба јас в срце да сетам?!
Од вековно ропство, мој народе, идеш
но носиш ти в срце дар златен и пој.
Пченицата твоја триж плодна ќе биде,
И животот твој!

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail