На ФОН започнува летниот универзитет „Сеќавање и меѓукултурен дијалог“

fon.png

Летниот универзитет на тема „Сеќавање и меѓукултурен дијалог“, организиран од страна на АЛДА, Европската Асоцијација за Локална Демократија и универзитетот ФОН се одржува во Скопје од 17 до 22 јули.

Меѓународниот универзитет беше официјално отворен денеска на универзитетот ФОН, каде ќе се одвива еднонеделниот настан.

– Сеќавањето на страдањето на луѓето во минатото честопати е заборавено. Важно е да се соочиме со сеќавањето на минатото за да се создаде европски спомен за време на овој универзитет – изјави Кристијан Тимоние, амбасадор на Франција во Македонија.

Покрај амбасадорот, на официјалното отворање присуствуваа проф. д-р Нано Ружин, ректор на универзитетот ФОН, Јон Ивановски, претставник од Централноевропската Иницијатива – ЦЕИ и Ивана Петровска, директор на АЛДА Скопје.

Забележувам присуство на набљудување на Балканот низ балкански очи. Дијалогот е возможен кога никој не го доминира другиот, кога низ поглед барате пријателство, запознавање – порача проф. др. Нано Ружин, ректор на универзитетот ФОН, кој е предавач на летниот универзитет.

Летниот универзитет има цел да им понуди можност на учесниците да учат од настаните во минатото, да дискутираат за моменталните предизвици и да развијат вештини во меѓународна околина. На него ќе учествуваат 30 учесници од 7 земји од Балканот и Франција, кои ќе присуствуваат на предавања, работилници и посети на локации со историско значење во градот. Предавачи на летниот универзитет ќе бидат професори од ФОН универзитетот и професори од Франција.

– На Балканот, проблемот со поврзаноста на културите е присутен. Кога ќе се реши проблемот со поврзаноста, останува да се зачува различноста – изјави Јон Ивановски, претставник од Централноевропската Иницијатива – ЦЕИ, за време на своето излагање на официјалното отворање.

Меѓународниот универзитет „Сеќавање и меѓукултурен дијалог“ се организира од страна на Европската асоцијација за локална демократија – АЛДА и универзитетот ФОН. Летниот универзитет на АЛДА 2017 финансиски е поддржан од Централноевропска иницијатива – ЦЕИ, Децентрализираната соработка помеѓу регионот Нормандија и Македонија и Европската Унија, а се организира во рамките на соработката помеѓу Нормандија и Македонија, Балканската регионална платформа за младинско учество и дијалог и проектот ЛАДДЕР.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail