На небото над Антарктикот забележани гравитациски бранови што траат подолго од вообичаеното

nebo.jpg

Големи, мистериозни бранови се ширеле низ атмосферата на Земјата. Овие т.н. бранови на „инерциска гравитација“ се осцилации на воздухот формирани од силата на Земјината гравитација и ротација.

Овие бранови не се невообичаени и често се јавуваат во различни делови на атмосферата на Земјата, но тие обично исчезнуваат за неколку часа. Сепак, брановите над Антарктикот биле изненадувачки упорни – тие се појавувале при секоја опсервација откако истражувачите првпат ги откриле брановите пред неколку години.

Сепак, со години остануваше мистерија што предизвикува овие постојани гравитациски бранови да продолжат да се појавуваат во мезосферата и да траат и до 10 часа. (Мезосферата е делот од Земјината атмосфера меѓу 50 до 80 километри над површината на планетата.) Сега, истиот тим што ги открил брановите во неколку студии предлага две веродостојни објаснувања, а најновата студија беше објавена во средата во Списанието за геофизички истражувања: атмосфери.

Една од можностите, велат тие, е тоа што големите, постојани бранови, кои се шират сè до 3.000 километри низ мезосферата, всушност, произлегуваат од помали бранови во атмосферскиот слој под неа, познат како стратосфера. (Стратосферата се протега до 50 километри над површината на Земјата.)

Според оваа теорија, ветровите што дуваат по планините на Антарктикот ги засилуваат овие ниски гравитациски бранови. За возврат, брановите растат и се движат повисоко во атмосферата. Откако брановите стигнуваат до границата меѓу стратосферата и мезосферата, тие скршнуваат како океански бран на брег и создаваат поголеми бранови, објаснуваат истражувачите.

(Гравитациските бранови не треба да се мешаат со гравитационите бранови што се појавуваат во простор-времето што произлегува од теоријата на Ајнштајн за релативитет и немаат никаква врска со движењата на воздухот во атмосферата.)

Друга можност, велат истражувачите, е поларниот вител, зоната со низок притисок што ротира во насока на стрелките на часовникот и го опфаќа зимското небо на Антарктикот. Овие брзи, ротирачки ветрови можат или да ги изменат пониските гравитациски бранови додека овие се движат нагоре или самите да ги произведат овие бранови, рече главниот автор Синжао Чу, професорка во Одделот за воздухопловни инженерски науки и Кооперативниот институт за истражување во областа на науки за животната средина при Универзитетот во Колорадо Боулдер.

Нивното истражување користи комбинација од моделирање и набљудување од лидар, ласерска мерна техника. Со лидар може да се одредат температурата и густината во различни делови на атмосферата, откривајќи ги пертурбациите предизвикани од овие бранови. Истражувачите исто така можат да ги пресметаат енергијата и динамиката што ја носат гравитациските бранови.

Гравитациските бранови влијаат на глобалната атмосферска циркулација, што, пак, влијае на атмосферските температури и движењето на хемикалиите, изјави Чу за Лајв саенс.

Но повеќето климатски модели не ја земаат предвид енергијата што ја носат овие бранови, рече таа. На пример, симулираните температури во атмосферската граница меѓу стратосферата и мезосферата над Антарктикот се многу постудени од тоа што го покажуваат набљудувањата, рече таа. Оваа област, наречена стратопауза, е важна за да се разберат ефектите на човештвото врз озонот. Без точни температурни симулации, вие „не може добро да го предвидите трендот на озонот“, рече таа.

Но ова сè уште се теории, а има и други. Научен труд од 2016 година сугерира дека вибрациите на ледениот гребен Рос на Антарктикот, предизвикани од океански бранови, може да ги објаснат мистериозните атмосферски бранувања. Чу вели дека не може да се отфрли оваа можност.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail