„Национален консултативен состанок за врсничко насилство помеѓу младите во основните и средните училишта во Скопје“ организиран од страна на Универзитетот Американ Колеџ Скопје (УАКС) во соработка со УНИЦЕФ во Република Северна Македонија (РСМ).

1.png

Национален консултативен состанок за врсничко насилство помеѓу младите во основните и средните училишта во Скопје

На 25 јуни 2020  година, од 11:00 до 13:00 часот, на вебех платформата се одржа  „Националниот консултативен состанок за врсничкото насилство помеѓу младите во основните и средните училишта во Скопје“ организиран од страна на Универзитетот Американ Колеџ Скопје (УАКС) во соработка со УНИЦЕФ во РСМ, на кој присуствуваа 45 претставници на Министерство за образование и наука, Министерството за внатрешни работи, наставници и стручни соработници од основните и средните училишта, претставници од социјалниот сектор, универзитети и граѓански организации.

Во рамки на консултативниот состанок  беа презентирани резултатите добиени од истражувањето „Врсничко насилство меѓу младите во основните и средните училишта во Скопје“,  кое го спроведе дел од тимот на Катедрата за психологија при Универзитетот Американ Колеџ Скопје, водено од страна на главниот истражувач, Доцент д-р Димиринка Јорданова Пешевска.

Воведен збор и добредојде на присутните им посака проф. д-р Иван Додовски, декан на Факултет за политички науки и психологија, од името на УАКС, посакувајќи плодна дискусија во насока на унапредување на превенцијата и заштитата на децата од врсничко насилство.

Од канцеларијата на УНИЦЕФ во Република Северна Македонија на присутните им се обрати г-н Боре Пуцовски програмски офицер, кој ја истакна значајноста од вложувањата во превенцијата и заштитата на децата од насилство пред се заради спречување на негативните последици по здравјето на учениците и унапредување на нивната добросостојба. То исто така ги истакна низата на мерки направени во насока на поддршка на училиштата во РСМ за развој и добросостојба на децата.

Доцент д-р Димиринка Јорданова Пешевска, ги презентираше резултатите од студијата „Врсничко насилство меѓу младите во основните и средните училишта во Скопје“, спроведена во основните и средните училишта во скопскиот регион во период од септември до ноември 2019 година. Примерокот опфати вкупно 770 ученици од основно  (вкупно 335 ученика) и средно образование (вкупно 435 ученика) на возраст од 11 до 16 години.

Резултатите од истражувањето покажаа дека 48.3% или речиси половина од учениците во основните и средните училишта во скопскиот регион се жртви на врсничко насилство или булинг еднаш или повеќе пати во изминатата година. Вкупно 37.4% од учениците еднаш или повеќе пати биле жртви на психолошко насилство, 29.5% од учениците биле жртви на социјална агресија, повреда на сопственост доживеале 19.4%, додека физичко насилство доживеале 6.6%

Врсничко насилство извршиле 26.1% од учениците еднаш или повеќе пати во изминатата година. Според видот на насилство, 15.8% од учениците извршиле психолошко врсничко насилство, социјалната агресија е извршена во 12.6%, додека повреда на сопственост  извршиле 4.2% ученици. Физичко насилство врз врсници извршиле 4.9% ученици.

Вкупно 13.9% од учениците, повеќе пати или секогаш во изминатата година биле жртви на сексуално вознемирување, додека 2.1% од учениците  известиле дека извршиле сексуално вознемирување.

Според резултатите од истражувањето во однос на сајбер насилството, 14.9% од учениците, повеќе пати или секогаш во изминатата училишна година биле жртви на сајбер насилство, додека 4% од учениците биле извршители на  сајбер насилство.

Во рамки на консултативниот состанок се отвори дискусија со учесниците за идните препораки и насоки за превенцијата и заштита на децата од насилство во училиштата. Во дискусијата активно учество земаа следниве панел дискутанти: проф. д-р Драгана Батиќ, „Универзитет Св. Климент Охридски“; Г-а Елена Ивановска и Г-а Јаворка Ѓорѓиевска од Министерството за образование и наука; д-р Жаклина Просаровска, Министерство за внатрешни работи и Г-а Ана Попризова, претседател на Активот на стручни соработници на средните училишта на град Скопје.

На состанокот се дискутираа бројни идеи за унапредување на превенцијата и заштита на децата од насилство во училиштата, од кои би ги истакнале следниве: сеопфатен систем за рана детекција, заштита, документирање и упатување, креирање на превентивни програми засновани на докази (психолошки советувалишта, програми за позитивно родителство, спречување на трансгенерациското насилство), континуирана едукација и развивање на вештини за интервентни програми на наставниот кадар и стручните служби, јакнење на мултисекторската соработка. Вложувања во примарна, секундарна и терцијарна превенција како и создавање на безбедни училишта беа дел од препораките.

Исто така беше упатена пораката дека треба да се запре насилството и да се креира клима на доверба во системот за нулта толеранција за насилството во училиштата и во општество.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail