Наградената серија фотографии за македонскиот национален идентитет (ФОТО)

mkd-297502-1.jpg

Полскиот студент го привлече вниманието со атрактивен проект за спротивставеноста на современото Скопје со неговите класични алузии.

Паско Кузман носи четири часовници затоа што смета дека ќе му помогнат да патува низ времето. Тој е археолог што работи во канцеларија наречена Троја, во потрага е по гробот на Александар Велики и со други елементи на класичното минато на Македонија.

Кузман е еден од многуте ликови што Михал Сиарек ги сретнал за време на фотографирањето на „Александар“, истражувајќи го македонскиот национален идентитет преку „Скопје 2014“, вели Бритиш џурнал оф фотографи. Почнат во 2010 година (и со првичен план да заврши во 2014 година) проектот Скопје 2014 се надева дека ќе го направи Скопје туристичка атракција црпејќи од неговата историја – Македонија некогаш била дел од античка Грција и го дели своето име со една северна грчка покраина, но сега е толку оддалечена од својата оставнина што нејзиниот сосед лобира таа да се нарекува поранешна Југословенска Република Македонија.

Благодарение на Скопје 2014, сега во центарот на градот се наоѓа 25-метарска бронзена статуа на Александар Велики на коњ, како и новододадените неокласични столбови што ги красат владините згради и новите музеи. „Она за што мислам дека е најзначајно е тоа што тие целосно ја покриле бруталистичката архитектура што била изградена од јапонскиот архитект Кензо Танге – целата негова визија за Скопје откако земјотресот уништи сè во 1963 година“, вели Сиарек. „По трет или четврти пат во неговата историја, тие го преобликуваат градот.

Се обидуваат да ја пополнат празнината што се случи по распаѓањето (на Југославија)“, додава тој. „Националната свест се растопи. На народот му требаше друг корен – историски корени.“

 

Сиарек е студент на фотографија во Лоѓ, Полска, а „Александар“ е неговиот прв голем серијал, но тој неодамна ја освои наградата Њу ист фото на фондацијата Калверт 22 чија цел е да се најдат нови перспективи на регионот. Сиарек првпат отпатувал во Скопје во 2010 година, отпрвин само за да види што се случува во градот, но откако се качил на високо во центарот на градот и го видел градилиштето под себе тој почнал да фотографира со полна пареа.

„Таа глетка ме поттикна; под себе можев да го видам техничкото значење на Скопје 2014“, вели тој, додавајќи дека кога го интервјуирал Кузман, „се чувствував како да сум допрел жива историја. Сфатив дека сите овие митови не се митови, тие се живи.“

Сиарек првично планирал да студира медицина мотивиран од желбата да биде во близина на луѓе но откако го купил својот прв фотоапарат, „се заинтересирав за сликањето социјални прашања и сфатив дека можам да го исполнам мојот интерес за луѓето преку фотографијата“. „Александар“ се фокусира на обичните Македонци и го покажува влијанието на Скопје 2014 од ситната, човечка гледна точка – на пример, една фотографија покажува човек што лови риба под огромна реплика на брод, друга покажува големи јонски столбови на градилиште. „Тоа е како да гледате бина со реквизити и улоги“ вели Сиарек.

Сиарек сега е во Скопје со цел да ги фотографира парламентарните избори до кои дојде по протестите против пронационалистичката влада, вели Бритиш џурнал. Овој пат тој покрај фотографиите сака да сними и филм за да произведе мултимедијална компонента на својот серијал. „Тоа ќе биде извонредна нарација што може да досегне до публика надвор од фотографската индустрија“ вели тој. „Сакам да биде евтина и достапна – сакам да успее да стигне до обичните Македонци“.

„Александар“ ќе биде изложен во фондацијата Калверт 22 во Лондон до 18 декември заедно со дела од други 10 одбрани фотографи.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail