Најнеобичните места на Земјата, едно од нив во Македонија !

mestam.jpg

Секое патување отвора нови погледи кон животот. Колку и да сакаме да останеме рамнодушни, патувањата освојуваат, облагородуваат и тежнеат кон духовен мир. Некои од овие необични места се дела на Мајката природа, додека некои се создадени од човекот.

Татевскиот Манастир во Ерменија

Овој христијански центар е едно од четирите најубави места во Ерменија. Самата местоположба е во идеална хармонија со околните планини. Манастирот е создаден во четвртиот век на темелите на стар, пагански објект. Отпрвин комплексот функционирал како црква во која имало монаси, а подоцна биле изградени уште три цркви. Во 11 век во манастирот живееле повеќе од 1.000 монаси. Низ вековите, градбата повеќепати била ограбувана и разурната, но секогаш била обновувана. Во 14 век во рамките на манастирот бил основан универзитетот Татев кој станал најважен културен центар во Ерменија.

Во 2010 година е отворена жичара, долга 5,7 километри која го поврзува манастирот со соседниот брег на реката Воротан.

Висечкиот столб Гавазан, изграден во чест на Света Троица во 904 година, служи како еден вид сеизмограф. Необично е што изгледа исто како што е направен пред повеќе од илјада години.

Пештерите Какахуамилпа во Мексико

Ова се можеби најголемите пештери во светот. Се наоѓаат во Мексико и се едни од најпосетуваните места од спелеолозите. Во внатрешноста на уникатната убавина има бескрајни фигури кои предизвикуваат восхит и чудење кај посетителите.

Постои легенда според која во минатото никој не се осмелувал да влезе во пештерите. Во фантазиите на староседелците, формациите во пештерите биле инкарнации на лоши духови. Според легендата, поглавицата на племето кое живеело во близина е првиот сведок на спектакуларниот видик. Тој бил отфрлен од племето и затоа барал начин како да се врати. Решил да оди назад кај племето, раскажувајќи им што видел. Оттогаш, пештерите биле обожувани како свети места.

Во 1834 година, Мануел де ла Пења ги открил пештерите, а во 1936 година претседателот на Мексико, Лазаро Карденас Дел Рио ги прогласил за Национален парк.

Вулканскиот остров Аогашимо

Овој изолиран јапонски остров претставува вистинска туристичка сензација. Не е познато кога за прв пат е населен. Последната позната ерупција на вулканот се случила во 18 век кога многу жители загинале. Поголемиот број од населението било евакуирано. Биле потребни скоро 50 години за островот повторно да се насели.

Денес, локалните жители се занимаваат со риболов и земјоделие. Иако островот е вистински рај на Земјата, туризмот не е толку развиен. Малкумина можат да се пофалат дека ги посетиле необичните убавини на овој вулкан.

Тиан Тан Буда

Оваа голема бронзена статуа се наоѓа на островот Лантау во Хонг Конг. Нејзината изградба е завршена во 1993 година и симболизира хармоничен однос меѓу луѓето и природата, односно луѓето и религијата. Како главен центар на будизмот во Хонг Конг, истовремено е и позната туристичка атракција во светот.

Статуата е висока 34 метри и до 2007 година важеше за највисока статуа поставена надвор од храмовите. Посетителите мораат да се искачуваат по 240 скали за да стигнат до Буда. Оваа статуа е свртена кон север, додека сите други статуи се кон југ. Сместена е во лотусов цвет, а е опкружена со шест Деви кои нудат цвеќе, разум, светлина, миро, овошје и музика на Буда.

Пештерите Мелисани во Грција

На островот Кефалонија се наоѓа пештерата Мелисани, атракција посетена од многубројни туристи. Според грчката митологија, тука живееле нимфите. Во склоп на пештерата се наоѓа истоименото езеро кое е опкружено со богата шума. Езерото се наоѓа и во внатрешноста на пештерата. Туристите уживаат да ги истражуваат убавините на ова необично место.

Превртената кула во Синатра, Португалија

Ова е поземен тунел со спирални скали кои се потпираат на девет ката, а потсетуваат на „Божествената комедија“ на Данте според која пеколот, чистилиштето и рајот имаат по девет кругови.

Во 1892 земјиштето на кое се наоѓа кулата било купено од Каравало Монтеиро. Тој сакал да изгради необично место во кое ќе ги чува симболите за кои пројавувал посебен интерес. Со помошта на италијанскиот архитект, Луиџи Манини, дизајнирал енигматична градба во која се верува дека се кријат симболи поврзани со алхемијата, Масонството, витезите Темплари и Розенкројците. Во архитектурата на градбата се внесени елементи од Римскиот, Готскиот и Ренесансниот стил. Конечната изградба на кулата била завршена во 1910 година.

Националниот парк Крка во Хрватска

Името го добил по реката Крка. Необичните пејзажни слики на Крка ќе ве маѓепсаат со  природните убавини. Тука, туризмот е во вистински подем. Водопадите на Крка се уникатен феномен. Во водите на реката постојат 18 видови на риба, од кои десет се ендемски.

Во паркот можат да се посетат неколку археолошки остатоци од тврдини кои датираат од Римско време.

Мермерните пештери во Чиле

Мермерните пештери се вистинско чудо на природата. Тие се целосно создадени од мермер, а се формирале кога водата навлегла во огромните карпи и ги врежала на таков начин што во внатрешноста се формирале прекрасни пештери и тунели. Единствено со брод може да се истражува убавината која се крие меѓу бројните тунели. Дали можете себеси да се замислите на вакво место?

Пештерата Врело во Македонија

Со длабочина од 212 метри, Врело е најдлабоката подводна пештера на Балканот, а втора најдлабока во Европа. Вистинската длабочина сè уште не е откриена. Пештерата е систем од две пештери, една над и една под водата. Внатрешноста е богато украсена со сталактити, додека неколку столбови имаат доста необичен изглед. Вистинска сензација претставуваат столбовите „близнаци“, високи околу 6 метри.

Во пештерата има две езера со своја т.н. руска плажа. Плажата го добила името по руските пилоти вработени во македонското воздухопловство кои овде меѓу првите се капеле.

Иако Врело беше кандидат за избор на новите седум светски чуда, сепак во 2011 година не влезе во тој список. Истражувањата на пештерата сè уште продолжуваат и светот допрва ќе слушне за необичните убавини што се кријат во Македонија.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail
Top