Експертите често нагласуваат дека луѓето кои што се депресивни не мора нужно да покажат некаков знак на депресија, барем додека не биде предоцна.
Со оглед на тоа што е многу тешко да се препознаат знаците на депресија кај другите, научниците развија вештачка интелигенција. Научниците на „МИТ“ Универзитетот развија невронска мрежа која има способност да открие знаци на депресија врз основа на начинот на кој што разговараме.
Овој модел може да се примени на сите видови на разговори, како на пример интервјуата, каде што вештачката интелигенција ќе може да открие дали лицето е депресивно, без да има потреба за долги истражувања и останати информации.
Вештачката интелигенција која што открива депресија не е новост, меѓутоа, една од најголемите разлики помеѓу постоечките и моделот на „МИТ“ е тоа што првиот модел бара од пациентите да му одговорат на одредени прашања, што значи дека постојат ограничувања кога и како може да се примени тој модел.
Моделот на „МИТ“ од друга страна, користи обрасци на говорот за да ја открие депресијата, без да има потреба за конкретни прашања или одговори. Научниците веруваат дека еден ден сето тоа ќе биде склопено во апликација за паметен телефон која ќе ги следи разговорите на корисникот и ќе испрати предупредување до докторите доколку детектира нешто сомнително.
Ако ја занемариме загриженоста во врска со нарушувањето на приватноста, ова всушност и не е лоша идеја, иако сепак останува да видиме дали истата ќе биде имплементирана и каков ќе биде ефектот.