Научниците на чекор до создавање на синтетичка форма на живот

zivot.jpg

Научниците се на чекор до создавање на цел синтетички геном за микроб кој веќе пет илјади години се употребува за производство на леб, пиво и вино – квасецот. Ова отвара пат за содавање на потполно нови организми кои во целост се дело на човечка рака.

Овој труд на креирање на квасецот претставува значителен напредок во способноста на истражувачите за создавање на кодот на животот. Иако во вој случај генетските модификации вршат измена на мал број на гени, новиот пристап им овозможува на научниците да го „преработаат“ целиот геном.

Истражувањето наречено „Проект синтетички квасец“  е дело на  меѓународен тим од научници , предводени од Џеф Беке од Универзитетот во Њујорк. Во серијата научни трудови што беа објавени во списанието „Science”, научниците опишуваат дека користеле компјутер за дизајнирање на секој од 16-те хромозоми кои ги носи природниот квасец.

За да го направат тоа, тие ги користеле секвенците  „G, T, C  и A“ и направиле илјадници измени за да ги отстранат низите  за кои сметале дека не се потребни. Конечната верзија на геномот била за осум проценти пократака од онаа што се наоѓа во природата.

Потоа изградиле пет хромозоми од хемикалии, во лабораторија. Додека трудот бил предаден за објавување, создадени биле биле најмалку 10 хромозоми, што претставува повеќе од половина од геномот на овој микроорганизам. Еден од хромозомите содржи над милиони генетски записи  и претставува најголемиот хромозом досега направен во вештачки услови.

Патрик Јици Каи, генетичар во тимот од Универзитетот во Единбург, вели дека хромозомите се создадени од  делови од  ДНК, додавани еден по еден во природните клетки на квасецот, за да се тестираат дали функционираат. На крај, целата природна ДНК на хромозомот била заменета со синтетичка ДНК.

Оваа технологија засега е скапа и бара многу време. На пример, да се направи ДНК од квасец чини најмалку 1,25 милиони долари, а за создавање на секој хромозом потребно е барем една година. Но, научниците очекуваат  дека  со време ќе дојде  до намалување на трошоците, исто како што од 2003 година до сега драстично се намали цената на генетското секвенцирање.

Беке вели дека сите 16 хромозоми ќе бидат направени и тестирани на клетки до крајот на оваа година, а до крајот на 2018 година ќе бидат направени клетки кои фукционираат врз основа на целосно вештачки, синтетички хромозоми. Конечната верзија ќе има додатен 17-ти хромозом, направен „од нула“, од основните градивни материјали.

Иако научниците и порано направиле геном од бактерии и вируси, овој труд се фокусира на посложени организми со јасно дефинирано јадро. Овие клетки спаѓаат во  групата на т.н. „еукариоти“, во која припаѓаат и растенијата, животните и луѓето.

Благодарение на тоа што генетиката на синтетичкиот квасец може да се измени по потреба, научниците ќе можат да му додаваат особини кој досега не ги поседувал; да расте побрзо или да преживее на повисоки температури.

Пол Фримен кој ја проучува синтетичката биологија на Империјал Колеџот во Лондон, овој труд го нарекува „неверојатен напредок на нашата способност хемиски да ја синтетизираме самата основа на животот“.

Истражувачите веќе почнале да дискутираат кој ќе биде следниот организам за кој ќе направат геном. Меѓу кандидатите се валчестите црви, растенија, па дури и клетки од цицач. Со време, животните, како свињите на пример, би можеле да имат геноми дизајнирани така да  нивните органи бидат погодни за трансплантација кај луѓе. Клетки од цицачи веќе се користат за продукција на  лекарства како инсулинот за дијабетичарите.

Во мај Беке и други истражувачи ќе организираат јавна средба на која ќе се дискутира за создавање на човечки геном, со надеж дека ќе се дознае повеќе за тоа како тој функционира. Доколку научниците успеат да го  усовршат создавањето на човечки геном, тие би можеле потенцијално да создаваат серија од човечки клетки за медицински терапии кои се отпорни на вируси.

Научниците се надеваат дека на крајот ќе го разберат геномот доволно добро за да можат да направат нови што ќе имаат одредена, специфична улога.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail