Научниците набрзо ќе знаат што ги предизвикува мистериозните радио-сигнали кои со години доаѓаат од вселената

radio-signali-vselena.jpg

Научниците во последниве неколку години активно следат и истражуваат периодичен мистериозен радио-сигнал од вселената и се се поблиску до откривањето на неговиот извор, пренесува „Си-ен-ен“.

Вселенските радио-бранови обично траат една милисекунда, а изворот е непознат. Многумина веруваат дека станува збор за сигнал испратен од напредна вонземска цивилизација.

Брзите радио-сигнали не се невообичаени во универзумот, но овој сигнал наречен FRB 121102 кој бил откриен во 2012-та година е единствениот познат сигнал кој се повторува. Минатата година беше откриено дека доаѓа од џуџеста галаксија во која се раѓаат ѕвезди, а која од нашата Земја е оддалечена 3 милијарди светлосни години.

Резултатите од новите истражувања на овој радио-сигнал неодамна беа објавени во магазинот „Nature“ и презентирани на овонеделниот состанок на Американското астрономско друштво во Вашингтон.

Според истражувачите, сигналот секоја милисекунда ослободува „монструозна“ количина на енергија, колкава што сонцето ослободува во текот на еден цел ден. Радио-сигналите се поларизирани и доаѓаат од средина во која има неверојатно силно магнетно поле.

Според авторот на студијата, Џејсон Хесел од Универзитетот во Амстердам, постоењето на црна дупка во таа галаксија би ги објаснила сигналите кои се повторуваат и би создала вистинско опкружување за негова појава, но научниците не се сигурни дека толку голема црна дупка би можела да постои во џуџеста галаксија.

И покрај многуте поверојатни претпоставки, научниците сепак не можат целосно да ја исклучат хипотезата за постоење на вонземска цивилизација која ги испраѓа ваквите сигнали.

Истражувачите се надеваат дека новите радио-телескопи ќе можат подобро да ги истражат таквите сигнали. Тие предвидуваат дека секој ден во секоја област на небото што може да се следи со телескопите, би можеле да се регистрираат до 10.000 брзи радио-сигнали.

Научниците сакаат да откријат дали истите се повторуваат во одредени интервали и да ја дознаат вистинската природа на повторувачкиот сигнал.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail
Top