(Не)формално образование

Tose1.jpg

Секој што ќе се запише на факултет, без разлика на кој степен на образование – додипломски, постдипломски или докторски студии – се фиксира на формалниот дел од образованието, на тоа како и кога да го заврши она што веќе е дефинирано преку програмата за настава. Но, секако, сите кога практично ќе почнат со едукација, најмногу ги доживуваат и паметат неформалните елементи во процесот на формално образование, како што се култура на дискусија, точност и дисциплина, мултијазичност, толеранција, прифаќање на различностите и стандардот на живеење.

Што вели моето досегашно искуство со едногодишното студирање на Факултетот за медиуми во Љубљана. Доволен период да се искуси и доживее шмекот на студирање во европска држава, со сите предизвици од пандемијата, образовните и културолошките шокови…

Предавањата на докторски студии се одвиваат во точно определени денови и со конкретно дефинирана минутажа. Тоа значи дека студентот добива календар на настава за следната година и точно знае, кој месец, датум и во точно кое време, има предавање по одреден предмет. Може да го испланира сите активности во својот живот и да го пополни личниот календар со датумите за предавања. Организираност до максимум. 

Дискусијата се одвива на ниво, по непишани правила. Додека еден говори, другите молчат и слушаат. Откако тој ќе заврши секој може да се јави за дискусија. Таму не важи правилото „сите ќе говориме во ист момент и оној што посилно ќе вика, тоа значи дека повеќе знае“. Не, не и не… Доколку така постапите, само ќе бидете опоменати дека дискусијата не ги толерира тие правила и дека треба да научите што значи дискусија, дебата, почит, култура.

Тодор Стојчевски, докторанд на Факултет за медиуми

Дека Словенците се дисциплинирани и прецизни потврдува и фактот дека предавањата почнуваат точно во минута и завршуваат во точно дефинираниот термин. Таму 10 часот наутро навистина е 10 часот наутро. Тоа не подразбира балканско толкување на часот и можност за толеранција од 15 академски минути (чисто измислен термин за балканското доцнење во академските кругови). Професорот или асистентот знаат дека предавањето треба да трае, пример, два часа и така ги темпира сите активности, конкретното предавање да заврши точно во предвидениот момент. Ниту секунда помалку. Неверојатно, но вистинито.

Доколку сте студент во Словенија значи дека треба да се разберете и да научите. Таму не им е гајле дали говорите на странски јазик, различен од словенечкиот, туку важно е да Ве разберат. Буквално, предавањата на кои јас присуствував, слободно ги нарекувам Балкан во мало. Се предава на словенечки, се прашува на хрватски, се дебатира на српски, а се чита и цитира на англиски јазик. Ниту мојот „српски“ јазик не е проблем професорот и колегите да ме разберат што сакам да кажам и заедно, да оствариме професионално високо ниво на комуникација. Уште помалку мене ми беше тешко да го научам и разберам словенечкиот јазик, иако немам учено ниту еден ден формално образование. Едноставно, по неколку предавања, влегуваш во штос и разбираш што сака да каже предавачот. Тоа не значи дека јас течно го разбирам и говорам словенечкиот, но значи дека можам да разберам речиси се што ќе каже професорот и се што ќе сака да ми пренесе како знаење. Нели тоа е подобро отколку да говориш на ист јазик, но ништо да не се разбираш. 

На крајот на секое предавање, професорот дава препорачана литература од автори на различни јазици. Свесен е дека во класот има студенти од многу држави и не се држи само до словенечка литература, туку се потрудил да пребара и да препорача книги кои навистина ќе ви помогнат доколку сакате да прочитате и да знаете повеќе за областа од ваш интерес. Значи, тој е посветен на својата работа и прави се да Ви олесни во процесот на формално образование. 

Познато е дека Словенците не се многу дружељубив народ, онака што ние подразбираме под терминот „дружељубивост“. Таму се е на ниво на почит. Односно, тоа значи дека тие ја почитуваат вашата приватност како личност и многу ретко се случува да навлезат во вашиот приватен простор без да добијат согласност за тоа. Од друга страна, тие се посветени на исполнување на своите амбиции и животни предизвици. Доколку им остане (слободно) време, ќе се замешаат во вашиот живот и ќе имаат можност за дружење. Овој културен шок за нас трае извесно време, се додека не ни стане јасно дека навистина неопходно е да имате приватност и да се дружите тогаш кога сакате, а не кога морате. 

Да се разбереме, не велам дека ова не постои во Македонија, туку само пренесувам искуства за тоа што секој студент во Словенија ќе (до)живее.

Автор: Тодор Стојчевски, докторанд на Факултет за медиуми

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail