Нешнел џиографик: Македонија е едно од најфасцинантните места во светот

ohrid.jpg

Македонија можеби е едно од најфасцинантните и најмалку прочуени места, вели Нешнел џиографик. Поранешна југословенска република, оваа мала земја – едвај поголема од Вермонт, е сместена помеѓу Грција, Албанија и Бугарија на Балканскиот Полуостров.

Денешна Македонија е мешавина од персиски, грчки, романски, отомански, српски и советски вкусови. Пријателите висат по кафиња во бавчите од кои се слуша гласен словенски џагор меѓу облаците чад од цигари и разѕвечканите чаши ракија. Заоблените куполи на православните христијански цркви го делат хоризонтот со минарињата на муслиманските џамии, варовните планини се извиваат над тивките села, а блескавите езера го обликуваат дивиот пејзаж.

Без разлика дали сте по градовите или по природата, еве ви 10 причини да отпатувате во Македонија, вели сајтот.

Планинарење до врвот Љуботен: Шар Планина се издигнува до облаците простирајќи се на површина од 1.600 км2 по должината на северозападна Македонија, достигнувајќи висина од над 2.000 метри. Вниманието го привлекува истакнатиот шилест врв Љуботен (околу 2.500 метри). Петчасовното пешачење до врвот може да го завршите во еден ден. Планинското одморалиште Вила Љуботен, едноставен објект опкружен со дрвја, на надморска височина од 1.600 метри, е одлична база. Од таму, следете ги нежните ливади исполнети со диво цвеќе до ветровиот врв. Потонете во фантастичниот поглед кон Македонија и кон Косово пред да се вратите во вилата, каде што топлиот оган и срдечниот вкус на домашните гозби ги пречекуваат уморните туристи.

Истражете го Скопје: дом на повеќе од половина милион луѓе, главниот град на Македонија е чудна мешавина од старо и ново. Првото обележје што ви го лови погледот е 66-метарскиот Милениумски крст, кој го краси Водно, вели Нешнел џиографик и додава дека „вредно за внимание е и Скопско кале, кое стои над градот од шестиот век“.

Кратката прошетка ќе ве однесе до центарот на градот на плоштад во Скопје, уникатна мешавина од архитектонски стилови, каде што ќе го најдете производот на Скопје 2014, владин проект вреден 700 милиони, кој стана познат по кичот.

Преминете го Камени мост и истражете ја Старата скопска чаршија, каде што тесните, калдрмени улици вријат од трговија уште од 12 век, препорачува НЏ.

Кањонот Матка

Лизгајте низ пештера: македонскиот варовнички карстен пејзаж е како швајцарско сирење, ишаран со повеќе од 300 пештери. Провнете се низ една мала дупка во карпите за да влезете во подземјето на Горна Слатинска, 400-метарски лавиринт, препорачува сајтот, кој ѝ препорачува на својата публикада се качува по карпи или да вози кајак во кањонот Матка, по „смарагдното езеро Матка“ сè до пештерата Врело, „длабока бездна со осветлени патеки и дрвени скали што водат до подземни езера“, како и да планинари на ридовите на Мавровскиот национален парк, со „највисокиот врв во земјата: 2.764-метарскиот Кораб. Мечки, рисови, волци, елени и 129 вида птици живеат во шумата и планинските предели на паркот.“

Нурнете во историјата на Охрид и можеби ќе помислите дека ве пренеле на Медитеранот, вели Нешнел џиографик. „Кристално чистите води на Охрид – едно од најстарите езера во светот – датираат од пред повеќе од милион години“.

„Потоа качете се на брод на Преспанско Езеро кон Голем Град, познат и како змиски остров. Да, има змии, и повеќе од 200 вида птици, вклучувајќи и пеликани.“

Сајтот ги препорачува и Крушево, за параглајдирање, и Шарената џамија во Тетово, „чија внатрешност е украсена со сложени геометриски дизајни“.

Уживајте во храната и пијалаците

„Едно нешто е сигурно во Македонија: нема да останете гладни. Заборавете го часовникот на ручек-време и подгответе се за гозба. Македонската кујна ги меша турските, медитеранските, како и балканските вкусови. Бурекот е главен елемент – топла, тестеста закуска полнета со спанаќ или сирење“, со ајварот и шопската.

„Да не се излажете дека мезињата се целиот оброк. Главното јадење може да биде сочна чорба грав, пиперки полнети со мелено месо, јагне на скара, или можеби сите три.“

Национален пијалак е ракијата – оган што ви го гори грлото. Може да испиете и премногу од неа, зашто се чини Македонци наоѓаат многу причини за да кажат „на здравје“.

Ајде на кафе

„Ајде на кафе“ во Македонија е, всушност, шифра за кафе, пиво, вечера, или едноставно само за дружење. Македонците сакаат да се дружат. Запознајте некој нов и може да стекнете пријател за целиот живот, вели Нешнел џиографик.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail