Нестручни кадри или ниски примања?

rabota_turizam_front.jpg

Навистина ли кадрите кои ги дава средното стручно образование се со лош квалитет или едноставно примањата во туризмот се ниски, па нашите стручно оспособени деца заминуваат во странство?

Учениците од ОУТУ „Ванчо Питошески“ се едни од најнаградуваните средношколци од градов. Дали станува збор за учество на државни натпревари во кои со години по ред се докажани лидери во својата струка според знаењата или меѓународни гастрономски натпревари, учениците од ова средно училиште редовно се враќаат со освоени први места. Но сепак за време на сезоната во угостителските објекти во градов се ангажираат сезонски работници кои не се стручно оспособени за работа во оваа стопанска гранка, вели Лазо Дуноски – професор по стручни предмети „ОУТУ „Ванчо Питошески“.

„Целта наша на ова училиште е да имаме две работи, задоволен ученик и задоволен работодавач. Но верувајте, многу тешко тоа може да се постигне. Мора да има од двете страни соработка и најважната тоа е ученикот. Ние сме спремни да одговориме на барањата кои ги имаат објектите како раобтодавачи, каде нашите ученици после тоа може да се вработат. Инаку за оваа струка колку што сум информиран преку агенцијата за вработување секогаш има побарување за овие профили кои ги нудиме кај нас“, додава Лазо Дуноски – професор „ОУТУ „Ванчо Питошески“.

Иако Дуноски објаснува дека за време на уписите секоја година најголем интерес владее за струките хотелско туристички техничар и угестителски техничар, но има интерес и за готвачи и келнери, хотелиерите и организацијата на работодавачи предлагаат увоз на одредени профили за да се задоволат потребите во оваа бизнис сфера. Тие велат дека на охридско- струшката ривиера во угостителските и хотелските објекти недостасува стручен кадар. Нема квалифицирана работна сила за работа во кујна, менаџери за управување со објектите, кувари и келнери, како и специфичен кадар за работа во СПА центрите. Неодамна падна предлог дури и за увоз на работна сила во оваа стопанска гранка.

„Средното образование не дава доволно квалитетен кадар за исполнување на нашите барања. Се побара увоз на работна сила за одреден сезонски период на вработување. Тоа треба да се разгледа подетално. Конкретно, предложивме за создавање во овој дел на бизнисот, на хотелиерските и ресторанските услуги  дека е потребно да се создадат поквалитени кадри за да може да планираме проширување, изградба на нови хотелскиобјекти и подолгорочна позитивна работа во оваа област“, напомена Крсте Блажески претседателот на Хотам .

Останува сами да процените дали навистина кадрите кои ги дава средното стручно образование се со лош квалитет, или едноставно примањата во туризмот сеуште се ниски па нашите стручно оспособени деца заминуваат да работат во странство.

 

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail