Невропсихологијата е атрактивна и корисна наука за која локалниот пазар е созреан

sefild.jpg

На еднодневниот семинар организиран од Меѓународниот факултет на Универзитетот Шефилд, Сити Колеџ од Солун, повеќе од 100 учесници и нивниот интерес покажа дека применетата невропсихологија е ветувачка тема и дека има потреба локалните студиските програми да се развијат во ова поле.

Когнитивната невронаука и клиничка невропсихологија беа темите на еднодневниот семинар организиран од Меѓународниот факултет на Универзитетот Шефилд, Сити колеџ. Семинар на оваа тема и каде невропсихологијата е презентирана од стручно лице е за првпат организиран во нашата држава. Преку предавањата од д-р Ана Емануел, клинички невропсихолог и професор на Одделот за психологија на истиот универзитет, темата невропсихологија е презентирана со примери, видеа и случаи на пациенти со повреди на мозокот, проследено со големо истражување и клинички интерес.

Семинарот на учесниците им понуди и интерактивна вклученост во предавањето по што д-р Ана Емануел импресионирана од интересот на учесниците, изјави: „Невропсихологијата е ветувачка тема и многу интересно поле во развој, а исходот од семинарот како и големиот интерес потврдува дека локалниот пазар е созреан еквивалентно на глобалниот во оваа област. Интерактивноста и знаењето на учесниците упатува на голем потенцијал за понатамошен развој и едукација во областа на невропсихологијата, како и желба да го збогатат своето знаење преку зголемена достапност на оваа научна сфера на академско ниво во локалните студиски програми.“

Учесниците на семинарот имаа можност да се запознаат со когнитивната невронаука, нејзините цели, напредните методи на невровизуелизација кои се користат за да се дефинира патологијата на мозокот, како и диференцијации во патологијата на мозокот помеѓу различни типови деменции и како тоа се рефлектира на невропсихолошкиот профил на пациентите во различни фази на болеста. Подеднакво беше елаборирана и клиничка невропсихологија, односно примената на ова знаење во клиничката пракса, со акцент на методите кои клиничките невропсихолози ги користат за мерење на мозочната дисфункција кај пациенти со стекнато оштетување на мозокот, психометриските својства на овие методи и придонесот на невропсихолошката проценка за да се утврдат целите за лекување и да се применат интервенции прилагодени на потребите и тешкотиите на пациентите.

Семинарот, на кој учествуваа повеќе од 100 учесници, беше отворен за јавноста и е само еден од многуте настани што ги организира Меѓународниот факултет на Универзитетот Шефилд во Скопје, со цел ширење знаења и подобрување на едукативните нивоа, често во соработка со голем број локални институции и организации. Овој семинар беше организиран во соработка со здружението на студенти по психологија, ПСИХЕСКО.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail