Никола Јанкуловски избран за нов ректор на УКИМ

Prof-Dr-Nikola-Jankulovski-640x360.jpg

Деканот на медицинскиот факултет, Никола Јанкуловски е новиот ректор на УКИМ. На денешната седница универзитетскиот Сенат со 43 гласа „за“ одлучи тој да го наследи Велимир Стојковски, откако утрово претставници на Студентски пленум го блокираа Ректоратот, а подоцна нивни претставници ја напуштија и седницата на Сенатот.

Имено, на седницата беа верификувани мандатите на 67 од вкупно 68 членови на Сенатот, а четворицата пленумци го предупредија Сенатот и ректорот Стојковски дека ќе се бира нов ректор со одлучувачко тело каде 10 гласови доаѓаат од нелегитимно избрани студентски претставници.

Како аргумент за своите тврдења пленумците поднесоа и документација од Централен регистар, но, сепак, оспоруваните претставници на Студентскиот парламент добија „амин“ од Сенатот. Пленумците се побунија против можноста за донесување на ваквата одлука, а Стојковски тврдеше дека нема законска надлежност да интервенира во изборите за студентски претставници, дека Сенатот не е истражен орган за документацијата и побара да „не се прави театар од седницата“.

Во целата дискусија на пленумците им беше одземен зборот. Им беа исклучени и микрофоните. Целото ова го окарактеризираа како срам за најстариот униерзитет во земјата. Посочија дека целово ќе предизвика сериозни правни импликации, бидејќи, рекоа пленумците, со тоа што се носат со нелегитимни членови, сите одлуки на Сенатот  можат да се оспорат пред законот.

Новиот ректор Јанкуловски на седницата истакна дека многу работи на УКИМ можат да бидат унапредени, а дека автономијата на Универзитетот неколку пати била нарушувана.

„Да се застане на чело на УКИМ, претставува предизвик за секого. Нашиот универзитет е со голем кадровски потенцијал. Секогаш треба да се стремиме она што може да биде подобро, да го направиме подобро. Сметам дека треба работите да бидат унапредени, можеме да разговараме за автономијата на универзитетот и за слободната мисла на универзитет, која се нарушувала во некои моменти“, рече новиот ректор Јанкуловски, чив противкандидат беше професорот Ненад Новковски.

Инаку, претходно Деа Здравкоска рече дека едно од барањата на Пленумот било да се направи и нова комисија со двајца сенатори, со двајца легални претставници од студентски парламенти и двајца од Студентски пленум кои ќе направат измени на Статутот на студентското организирање и ќе распишат нови избори.

За блокадата на Ректоратот, но и за своите барања Студентски пленум доби поддршка и од претставници на Професорскиот пленум. Пленумците издејствуваа и присуство на медиуми на седницата.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail