Новиот телефон треба да се полни 12 часа – мит или вистина!?

Noviot-telefon-treba-da-se-polni-12-casa-mit-ili-vistina-01.jpg

Животниот век на батеријата на мобилните телефони е вечен проблем со кој се соочуваме. Како нашите телефони стануваат попаметни и побрзи, така батеријата трае сѐ помалку.

Сите сме сведоци дека често пати со интензивно користење на мобилниот телефон батеријата не може да издржи ни цел работен ден. Дали оваа состојба може да се смени или барем да се подобри?

Литиум-јонските батерии кои денес ги користат сите мобилни уреди и „смартфони“ постојат повеќе од две децении и не се фундаментално сменети уште откако Сони почнал да ги произведува во 1991 година. Покрај тоа што досега имало многу обиди за менување на оваа технологија, тешко дека во скоро време таа ќе биде заменета.

Еве што треба да знаете во врска со батеријата на вашиот паметен телефон:

Дали треба да го полнам мојот телефон веднаш штом ќе го купам?

Не. Старите никел-кадмиумски батерии имаа „меморија“, што значеше дека ќе задржат одреден капацитет врз основа на тоа како биле наполнети и испразнети. Тоа значеше дека одредена електроника доаѓаше со упатство дека треба да се полни додека не е целосно наполнета и потоа да остане вклучена уште неколку часа.

Новите литиум-јонски батерии немаат таков ефект и се посигурни, па не треба ни да се калибрираат како старите батерии со предолго полнење и целосно празнење на батеријата. Тоа значи дека вашиот смартфон можете да почнеде да го користите веднаш штом ќе го извадите од кутијата.

Дали траењето на батеријата со тек на времето се влошува?

Да. Батеријата со тек на времето трае сѐ помалку и помалку. Модерните литиум-јонски батерии се дизајнирани да издржат одреден број на „циклуси“ на целосно празнење на батеријата. Еден циклус е еквивалентен на едно целосно празнење на батеријата, но тоа не мора да биде поврзано со само едно полнење.

Значи ако сте искористиле 75% од батеријата преку ден, вечерта ја наполните, а следниот ден искористите 25%, тоа значи дека сте потрошиле вкупно 100% односно еден „циклус“ за два дена.

Животниот век на батеријата се мери различно за различни апарати, но најчесто после потрошени 300 до 500 циклуси може да се очекува батеријата да падне на 70% од нејзиниот оригинален капацитет.

Дали ќе ја оштетам батеријата ако го оставам телефонот да се полни подолго од потребното?

Вообичаено не. Има сугестии дека ако го оставате телефонот да се полни цела вечер може да се предизвика ослабнување на батеријата, но новите системи ова го решаваат и само прават батеријата да се дополни до крај.

Исклучок од ова е кога апаратот екстремно почнува да се загрева за време на полнењето, па тие високи температури знаат да ја ослабнат литиум-јонската батерија. Со оглед на тоа дека телефонот секогаш се загрева додека се полни, ако ова се искомбинира со температури над 30 степени целзиусови, тогаш батеријата може да се оштети.

Дали треба да чекам батеријата скоро целосно да се испразни, пред да го наполнам мојот телефон?

Не. Всушност треба да го правите спротивното. Модерните литиум-јонски батерии не добиваат бенефит од целосното празнење на батеријата и долгите полнења после такво празнење се всушност полоши за батеријата отколку кратките.

Делумните празнења и полнења на батеријата всушност го продолжуваат нејзиниот животен век. Така со полнења на само 50% од батеријата, незиниот животен век на „циклуси“ се продолжува од 500 до 1000 циклуси, пред да падне на 70% од капацитетот. Ова значи дека штом ќе падне батеријата на 50% може да ја наполните повторно.

Дали исклучувањето на Wi-Fi и Bluetooth ќе го подобрат траењето на мојата батерија?

Wi-Fi и Bluetooth веќе не се толку „гладни“ за батерија како што беа порано, односно не одземаат толкав дел од потрошувачката на батеријата на „смартфонот“ како што одземаа порано кај мобилните телефони.

За да ја заштедите батеријата може да оневозможите апаратот да пребарува мрежа во региони каде нема и исто така може да вклучите airplane mode во случаи кога не ви треба сигнал за мобилната мрежа. Исто така, секогаш користете Wi-Fi наместо 3G или 4G, бидејќи тие многу побрзо ја трошат батеријата.

Како поинаку да го продолжам векот на батеријата?

Има неколку начини кои ќе го продолжат траењето на вашата батерија и ќе го продолжат нејзиниот животен век.

– Намалете го осветлувањето на екранот

– Исклучете ги апликациите кои работат во позадина и постојано се рефрешираат, како и опцијата за локација

– При мултитаскинг исклучувајте ги апликациите кои работат во позадина

– Исклучете ги пуш-нотификациите за e-mail, Тwitter и Facebook.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail