Ново меѓународно студентско списание за археологија

25012017105717_web_ahios.jpg

„Аксиос“ е ново меѓународно студентско списание за теми од археологијата, историјата на уметноста и културното наследство, во издание на студентското археолошко здружение „Аксиос“ од Скопје. Првиот број на списанието ќе биде промовиран утре во 12 часот во салата за седници при Филозофскиот факултет во Скопје.  Првиот број на списанието ќе биде составен од вкупно четиринаесет текстови во авторство на петнаесет студенти од четири различни универзитети од три држави – Македонија, Србија и Германија.

Текстовите опфаќаат голем број теми, почнувајќи од археолошки рекогносцирања, античка луксузна архитектура и уметност, древни религиозни култови и митолошки концепти, па сé до физичко-антрополошки анализи и употребата на современи дигитални технологии во проучувањето на средновековни цркви.
– Идејата за издавање на списанието „Аксиос“ главно се градеше врз веќе постојната традиција на издавање студентски списанија, која студентското археолошко здружение „Аксиос“ ја имаше востановено во своето шеснаесетгодишно постоење, со печатењето на популарните билтени „Пинтадера“ во 2007 и „Археофакти“ во 2014 година. Она по што ќе се разликува од овие две претходни изданија и го прави уникатно и прво од својот вид, е тоа дека станува збор за списание од отворен тип, во електронска форма и со меѓународен карактер, но најважната промена е издигнувањето на самиот начин на пишување на текстовите, кои ги следат сите меѓународно прифатени стандарди за пишување стручни трудови – вел Игор Ефтимовски, еден од иницијаторите на списанието.

Во првиот број од списанието, меѓу другото, читателите ќе имаат можност да прочитаат за почетоците на монетарната економија на овие простори, античкиот развој на малешевскиот регион, луксузните домови на богатите граѓани од римскиот период на територијата на Македонија, духовната заднина на древните мистериски култови на Митра и на Дунавските коњаници, симболичкиот аспект на хермафродичните богови во старите митологии, политичките и економски премрежиња во средновековна Византија, Скандинавија и Османлиското Царство, физичко-антрополошки скелетни анализи и дигитални истражувања на едни од највредните бисери на македонското фрескосликарство.

– Основната задача на „Аксиос“ е да ги поврзува студентите од Институтот за историја на уметноста и археологија при Филозофскиот факултет во Скопје и преку различни иницијативи и проекти да го подобрува квалитетот на студирањето, да ја поттикнува истражувачката дејност на студентите и да ги промовира археологијата, историјата на уметноста и културното наследство пред пошироката македонска јавност. Со издавањето на ова списание се надеваме дека ќе ја поттикнеме активната истражувачка дејност кај студентите, ќе ги мотивираме да создадат навика за пишување што ќе ги следи во нивната професионална кариера на продуцирање научна мисла и дека ќе ја поттикнеме нивната меѓусебна, интернационална соработка и дебата на стручни теми – вели Ефтимовски.
Списанието ќе биде достапно бесплатно во електронска форма на официјалниот веб-блог на САЗ „Аксиос“.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail