Обновливата енергија наскоро ќе биде поевтина од фосилните горива

green-energy-e1483779312537-1024x610.jpg

Повеќе од 70% од експертите за обновлива енергија веруваат дека глобална транзиција кон 100% обновлива енерија е возможна и реална

Противниците на обновливата енергија најчесто го користат аргументот дека за да се користи истата е многу скапо. Но, според последниот извештај од Обединетите нации, овој аргумент не е точен.

Како што еколошката енергија станува се поисплатлива, изворите на обновлива енергија наскоро би станале поевтини од фосилните горива или како што велат од ОН, најверојатно во рок од една деценија.

Повеќе од 114 експерти за обновлива енергија од сите делови на светот биле интервјуирани како дел од проектот REN21 (Renewable Energy Policy Network for the 21st Century) кој е во склоп на програмата за животна средина на Обединетите нации. Интервјуата биле направени минатата година за да се утврди дали е можен целосно одржлив свет до 2050 година.

„Скоро 70% од интервјуираните очекуваат трошоците за обновливата енергија да продолжат да се намалуваат и да станат пониски од цените на фосилните горива во рок од десетина години. Ветерните и соларни фотоволтажни панели веќе стануваат исплатливи во државите од ОЕCD (Organisation for Economic Co-operation“, стои во извештајот.

Дополнително, повеќе од 70% од експертите рекле дека веруваат дека глобална транзиција кон 100% обновлива енерија е возможна и реална.

Инвестициите во обновлива енергија станаа двојно поголеми од инвестициите во индустријата за нафта и јаглен во 2015 година според Bloomberg. Со оглед на тоа дека технолошкиот развој придонесе и кон намалувањето на трошоците за производство, не е изненадување дека корпорациите ги зголемија инвестициите во проекти за обновлива енергија.

На пример, General Motors заштеди 80 милиони долари помеѓу 1993 и 2015 година поради својата програма за обновлива енергија. На глобално ниво пак, Шведска се обидува да ги елиминира фосилните горива целосно со тоа што инвестира во соларна и ветерна енергија, во складови за енергијата и во еколошки превоз. Норвежаните пак се’ повеќе купуваат електрични и хибридни автомобили.

 

Во Кина, градот Пекинг ќе ги замени сите такси возила со електрични автомобили. Еден остров во Шкотска веќе е само одржлив, додека пак во САД, Хаваи стана првата сојузна држава која ќе функционира исклучиво на обновлива енергија до 2045 година.

nota-19

Според извештајот на ОН, фосилните горива се единствената пречка за целосна одржливост.

„Недостатокот од долгорочна политика и од клима за инвестирање во енергетска ефикасност и обновливи извори го успорува решавањето на ова прашање во повеќе држави.“ – вели извештајот.

 

Како и да е, иницијативите за обновлива енергија забележаа огромен раст во последнава деценија, а постои добра причина да останеме оптимисти по ова прашање.

На прес конференцијата на која беше презентиран извештајот, Кристин Линс која е извршен секретар на програмата изјави дека 2016 година била трета по ред година кога глобалната економија има 3% раст, а притоа емисиите на штетни гасови се намалиле.

„Обновливите извори од една страна сигурно влегуваат во системите за енергија во многу држави но мораме да бидеме свесни дека пред нас стои долг пат. Моментално во светот 20% од финалната потрошувачка на струја доаѓа од обновливи извори.“, додаде таа.

„Кога REN21 беше основана во 2004 година, иднината на обновливата енергија делуваше многу поразлично отколку денес. Во тоа време повикот за целосно обновлива енергија не беше сфаќан сериозно, додека пак денес водечките експерти за обновлива енергија во светот се вклучени во дискусија за можноста да се постигне ова и во која временска рамка.“, заклучи Артурос Зервос, раководителот на програмата.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail