Обука за примена на Законот за заштита на укажувачите

Obuka-za-primena-na-Zakonot-za-zashtita-na-ukazuvachite.jpg

Обука за примена на Законот за заштита на укажувачите

Институтот за стратешки истражувања и едукација, во соработка со УГД и Амбасадата на САД во Р. Македонија, спроведе Тренинг за зголемување на капацитетите на универзитетите за примена на Законот за заштита на укажувачите од корупција како алатка за превенција на корупцијата во високото образование во Македонија.

Ова е, всушност, дел од проектот „Универзитет без корупција“, за кој сите универзитети во Р. Македонија, меѓу нив и УГД, потпишаа Декларација за високо образование без корупција. Проф. д-р Мишо Докмановиќ од УКИМ, инаку проектен менаџер на овој проект, истакна дека овој закон претставува еден нов инструмент за пријавување корупција во Р.Македонија:

– Ние сакаме да ја обучиме универзитетската администрација и студентите како ќе се применува овој нов закон на универзитетите. Денеска ќе ги запознаеме универзитетските служби со процедурите и постапките, со цел да ги зајакнеме нивните капацитети доколку биде отворен некој случај на корупција, како да постапат, а и студентите ќе бидат подобро информирани за нивните права. Ова е серија од тренинзи кои ќе бидат организирани на сите јавни универзитети. Нашата идеја за проектот е врз основа на едно истражување од пред две години и во таа насока заклучоците кои ги добивме од истражувањето ни укажаа дека мора да работиме и со вработените на универзитетите и со студентите. Заштитата на укажувачите е еден концепт кој во Македонија е промовиран пред две години, но луѓето уште не се навикнати на тоа како треба да се применува. Станува збор за еден нов институт кој овозможува и заштитено внатрешно пријавување и во таа насока се очекува универзитетите да имаат овластено лице кое ќе ги прима и ќе обезбеди анонимност на пријавувачот. Во текот на септември ќе реализираме една кампања со која студентите ќе бидат информирани кои се нивните права според Законот за заштита на укажувачите.

Интересно е дека досега нема ниту еден пријавен случај на корупција во високото образование, а во досегашните истражувања, перцепцијата на студените за корупција се однесува на инсистирањето да купат книги од одреден професор, што се сфаќа како одреден вид на корупција.

 

Извор: UGD Life

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail
Top