Од хотел „Мама“ во странство

hotel-mama.jpg

Невработеноста во ЕУ опаѓа, велат статистиките на Еуростат. Но, тоа не важи за сите- во Италија високата невработеност на младите е хронична и делува неизлечиво, пишува Дојче веле.

Една позната радио емисија во Италија алудира на името на познатитот филм: „No country for young men“. Називот не чуди ако предвид се земе економијата која веќе со години е во надолна линија и на младите не им нуди никаква перспектива. Стапката на невработеност меѓу младите во Италија веќе со години е над 30 отсто. Само во 2015 година над 50.000 лица помлади од 40 години се отселија од земјата. Половина од нив се со факултетска диплома во џебот.

„Италија губи млади таленти“, смета Лука Паолаци од здружението на работодавачи Конфиндустриа. Тој е уверен дека иселувањето Италија ја чини најмалку 1 насто од економскиот раст годишно. „Тука станува збор за вистинска криза.“

Како да се створат работни места за младите?

Владата на умерената левица на премиерот Паоло Џентилони го препозна проблемот и се обидува да одговори со противмерки. Во буџетот се предвидени мерки кои компаниите би ги поттикнале да вработат млади луѓе. Но, „имајќи ги предвид ограничувањата на буџетот остануваат многу малку средства за натамошни државни издатоци“, вели министерот за економија Пјер Карло Падоан.

Од една страна се размислува за намалување на социјалните давачки за нововработените со што би се намалиле и трошоците за работодавачите. Исто така, се разгледува и можноста испраќање на половина милион вработени во јавните служби во предвремена пензија за да се ослободат работни места за младите.
Но критичарите на планираните мерки стравуваат оти работодавачите, исто така, би можеле да ги отпуштат младите кога ќе станат престари за социјалните бенефиции. На многумина овие мерки им изгледаат само како предизборни подароци за младото избирачко тело. Наредната година во Италија ќе се одржат парламентарни избори, а Џентилоне и неговата влада секако сакаат да ја задржат власта.

Една консултантска фирма на почетокот на годината предложи пензионерите со повисоки пензии во Италија да се оданочат и од тој данок да се финансираат мерките за вработување на младите. „Тоа не е само етичка туку и социјално- економски смислена мерка“, стои во објаснувањето.

Живот во хотел „Мама“

Истата советничка фирма пресмета дека старосната граница во која Италијанците стануваат финансиски независни од родителите константно расте. Така во 2004 година младите го напуштаа родителското гнездо со 30 години, во 2020 година ќе го напушат со 38 години во просек, а во 2030 година дури на 48 години, што е катастрофално за демографскиот развој на земјата.

„Многумина денес уште, во години кога нивните врсници на северот на Европа веќе заборавиле како изгледа родителскиот дом, остануваат кај родителите бидејќи тоа е општествено прифатено. Дополнително уште и заработуваат нешто на црно и тоа така некако оди“, објаснува Алесандро Росина, професор на отсекот за демографија на Католичкиот универзитет во Милано.

Енцо Латуца со 29 години е најмладиот пратеник во парламентот. И тој сведочи за отселувањето и вели дека една третина од неговите некогашни колеги од гимназија се иселиле од Италија. Но, тој е против политиката стари против млади. „Не мислам оти единствен начин на младите да им се подобри животот е на старите да им се влоши“, вели Латуца, инаку партиски колега на Џентилони.

Стари против млади

Италијанските синдикати размислуваат слично и ги критикуваат намерите за подигнување на старосната граница за заминување во пензија на 67 години. Од владата бараат мерки за поттикнување на идните генерации пензионери.

Но, има ли во државната каса пари за сите тие желби? Иако италијанската економија полека заздравува по кризата, земјата сѐ уште седи на рид од долгови. Простор за нови државни задолжувања има малку. „Кога прекривката е прекратка, тешко дека на сите ќе им биде топло“, вели сликовито Масимилијано Валери, директор на институтот за социјални истражувања Ценсис.

Тој укажува на драстични демографски промени. „Факт е оти денес во општеството имаме сѐ помалку млади и дека тие стануваат политички нерелевантни. Жално е тоа што постарите граѓани кои се борат за своите пензии имаат поголемо влијание отколку младите кои се борат за своите работни места.“

ИЗВОР: ДОЈЧЕ ВЕЛЕ

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail
Top