Од утре македонските возачки ќе важат во уште една земја

vozacki.jpg

Утре ќе биде потпишан договорот за реципрочно признавање на возачките дозволи во Германија од страна на министрите за внатрешни работи на Македонија и Германија, Оливер Спасовски и Хорст Зехофер. Договорот ќе стапи во сила веднаш и тоа значи дека набрзо ќе можат да се заменуваат македонските дозволи во Германија, и обратно.

Преговорите меѓу надлежните министерства во Берлин и Скопје во врска со меѓусебното признавање на возачките дозволи започнаа уште во 2007 година, додека начелен договор беше постигнат уште во февруари годинава, но техничките проблеми ја одложија финализацијата на договорот.

Ова ќе претставува сериозно олеснување за сите граѓани на Македонија кои живеат или престојуваат во Германија, и кои поради проблемите околу признавањето на возачките дозволи беа изложени на дополнителни финансиски трошоци. До сега правото на управување со моторно возило во Германија македонските државјани го имаа само во првите шест месеци од престојот, а потоа мораа да полагаат одново возачки испит кој чинел околу 1500 евра.

Република Македонија до сега има склучено договори за реципрочно признавање на возачките дозволи со Италија, Шпанија, Босна и Херцеговина и Албанија. Во завршна фаза се преговорите со Австрија за возачки дозволи од Б категорија, со Австралија, Ноз Зеланд и Словенија за сите категории од возачки дозволи, а иницирано е склучување на ваков договор и со соседна Србија.

Исто така, поради измени во Законот за вработување во Германија е прекината забраната за вработувањето на граѓаните од територијата на поранешните Ју простори.

Во овој момент граѓаните без европски пасоши не можат да работат, ова важи за граѓаните со српски, босански и македонски пасоши без оглед за која работа сакаат да аплицираат. Ова се однесува на сите вработување, без разлика дали сакате да аплицирате за медицинска сестра, градежник, помошничка или нешто друго, пренесува порталот Balkan- life.com.

Од 1 јануари следната година стартува нов закон за вработување, со кој сите граѓани од поранешна Југославија, чии држави не се во Европска Унија, ќе можат да се вработат под истите услови како граѓаните од Европска Унија.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail