Eкономскиот факултет – Прилеп одбележа голем јубилеј, 60 години од основањето. По повод пригодата, ректорот, проф. д-р Сашо Коруновски со ректорскиот колегиум се приклучи кон чествувањето на значајниот настан, истакнувајќи дека како „најстара“ единица на УКЛО, Економскиот факултет е вброен во пионерите во високообразовната едукација во областа на економските науки и бележи завидна репутација во академските и стручни кругови во земјата, но и пошироко.
Од име на Економкиот факултет поздравна реч одржа деканот, проф. д-р Драгица Оџаклиеска, а обраќање и честитки за јубилејот упати градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски.
Во рамки на одбележувањето, Факултетот организира низа активности меѓу кои: оригинално истражување во соработка со Регионалната занаетчиска комора „Влијанието на Ковид-19 пандемијата врз малите и микро бизнисите во старата Прилепска чаршија“, поставена е трајна ретроспективна изложба, извршена е промоција на научното списание SERBЕ како и два броја од факултетскиот гласник Еквилибриум. Во духот на чествувањето, доделена е награда на најдобриот студент, Катерина Шулеска која дипломирала со просек 10. Покрај овие настани, распишан е и студентски конкурс за најдобар есеј на тема: Европската перспектива и предизвиците на младите дипломирани економисти во современата циркуларна економија.
Одбележувањето се одржа во аулата на Факултетот, на 19 октомври 2020 година, во околности на пандемија, со доследно почитување на мерките и утврдените протоколи.
Извор: УКЛО