По објавувањето на романот „Враќањето на зборовите“ од Гоце Смилевски во Словенија, се појавија осврти во словенечкиот дневен печат.
Во најтиражниот дневен весник „Дело“, критичарката Валентина Плахута Симчич подвлекува: „Гоце Смилевски на провокативен начин ја оживува историјата при што една од најпознатите средновековни приказни со овој роман добива храбра интерпретација“.
Според неа, „романот е напишан чувствено, сензибилно, а ликот на Елоиза излегува од сенката на машкиот лик и на светлоста добива облик, физиономија и идентитет.“
Во љубљански „Вечер“ е објавен оглед за романот „Враќањето на зборовите“ во кој критичарката Петра Видали констатира дека прашањата кои ги отвора делото на Смилевски „се насочени на нашето време“.
„Враќањето на зборовите“ во Словенија го објави познатата издавачката куќа „Цанкарјева заложба“ од Љубљана. Од македонски на словенечки го преведе Соња Должан.
На словенечката читателска публика Гоце Смилевски досега и беше претставен со романите „Разговор со Спиноза“, објавен во едицијата за преводна литература на издавачот „Шкуц“, и со „Сестрата на Зигмунд Фројд“ во издание на „Цанкарјева заложба“ од Љубљана.
„Враќањето на зборовите“ на македонски се појави минатата година во издание на „Дијалог“ од Скопје. Досега е преведен на чешки, бугарски и словенечки јазик. Романите на Смилевски се објавени на 36 јазици во светот.